Македонија
Мицевски: Димитров го урна угледот на државата, постапуваше на дрзок и препотентен начин

Во Собранието почна постапката за интерпелација на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, поднесена од 33 пратеници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на тоа зошто треба да поднесе оставка министерот Димитров, образложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој зборуваше за штетните договори со Грција и Бугарија што Димитров ги склучил на штета на македонскиот идентитет, јазик и култура.
„Никола Димитров ја извршуваше работата несовесно, нетранспарентно и нестручно. Го урна угледот на државата. Постапуваше на дрзок и препотентен начин. Од 2017 година Македонија доживува само порази. Дури и народот го нарече искомплексиран, а ниту тој ниту Владата не се извинија за неговата навреда. Ги направи сите штетни компромиси за Македонија. На крајот излезе со предлог, дури за промена на Уставот за кој бараше поддршка и инклузивност од нас како опозиција. За нас тоа не е прифатливо. Ваков договор можеше да склучи кој било министер и која било влада“, рече Мицевски.
Министерот Димитров од собраниската говорница своите постапки ги оцени како победнички за дипломатијата затоа што, според него, биле решени децениски спорови во кои Македонија не изгубила ништо.
„Нема да го повторувам она што сум го образложил во јавноста, но ќе кажам дека вистината е на наша страна. Ние бевме на еден залутан пат на антиквизација и беше тешко да го пробиеме. Битката за македонскиот идентитет стана проблем токму поради ова, односно кој има поголемо право на Александар Македонски. Дали идентитетот е гипс и бетон што го постави претходната власт, таа вистина треба да ја прифатиме“, истакна Димитров.
Дебатата за интерпелацијата може да трае најмногу 24 часа, а се очекува да се изгласа до полноќ. За дебата се пријавени 20-ина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер од Чешка и 61 пожарникар од Словенија ќе помагаат во гаснење на пожарите

Меѓународна помош ќе пристигне во земјава да помогне во справување со пожарите. Помошта ќе дојде од Чешка и од Словенија.
Чешка испраќа хеликоптер Блек Хок со седумчлен екипаж. Се очекува да пристигнат попладнево.
Утре, пак, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар со 18 возила.
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Македонија
Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Согласно измените на Законот за оружје, стапи во сила новиот систем за набавка на муниција.
Со него, граѓаните кои поседуваат оружје ќе можат да ја набавуваат потребната муниција директно во овластените правни субјекти. Повеќе не е потребно претходно одобрение за набавка на муниција.
„Истовремено, преку централен електронски систем, Министерството за внатрешни работи ќе врши континуирана контрола и увид во количините што се набавуваат, во согласност со законски утврдените ограничувања. Со оваа промена, системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без да се намали степенот на безбедносен надзор. Ова е уште една потврда дека се движиме во вистинска насока, со конкретни мерки што носат резултати и реално го подобруваат квалитетот на услугите што МВР ги дава на граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Македонија
Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.
„Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.