Македонија
ГДУ: Паѓаме на листата на „Транспаренси интернешнл“, а власта вели дека се бори против корупцијата

До кога нашата власт ќе истакнува дека се бори со корупцијата со сите свои сили, а таа сепак да продолжува да цвета и да паѓаме на листата на „Транспаренси интернешнл“? Ова прашање го постави Граѓанско-демократската унија (ГДУ) преку соопштение по извештајот, според кој, Македонија е на 93. место од 180 држави според нивото на корупција.
„Од земјите од Западен Балкан сме во група со Албанија и Косово, со кои очигледно делиме исти вредности -корупција, непотизам, партиски вработувања. (Не)демократијата кај нас на овие простори е толку изразена што веќе никој не ја смета државата за своја. Секој гледа на неа како на нешто отуѓено, нешто што треба да се смени, ама без наш придонес. Граѓанско-демократска унија не може да го премолчи овој факт, овој непобитен доказ дека сме далеку од европските и светските вредности кон кои како општество тежнееме. Изгледа сега сме сѐ подалеку од нив и за нас се само недостижни идеали“, се вели во соопштението на ГДУ.
Од партијата велат дека проблемот постои и не треба да се минимизира. Додаваат дека граѓаните веќе не можат да ги трпат олигархијата и моќта на малата елита, која без осет и граници, без скрупули, граба кон таложење на богатството.
„Граѓанско-демократска унија е секогаш на страната на граѓаните. Ние сме коректив на власта и не можеме да си дозволуваме вакви крупни работи да ги оставиме сами од себе да се решаваат. Сакаме да го отвориме прашањето на корупцијата на највисоко ниво затоа што хиерархијата кај државните органи постои, па се надеваме дека таа веќе еднаш и ќе почне да функционира“, додава ГДУ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Пожарот е злосторство против народот, скопјани не смеат да се гушат во чад и отров

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, реагираше по повод големиот пожар што избувна во Скопје, оценувајќи го како директна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина.
„Во овој момент сведочиме на ужас што не смее да се повтори – огромен пожар ја уништува животната средина и директно го загрозува здравјето на скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од самиот почеток, заедно со колегите Бобан и Дејан, е на терен и дека се вложуваат максимални напори за ставање на пожарот под контрола.
„Ангажиравме општествено одговорни компании кои со машинерија и песок помагаат во негово затрупување. Со нас се и екипите на Противпожарната служба од Скопје и МВР. Се користат сите расположливи сили за ставање под контрола на оваа катастрофа,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој го нарече настанот „злосторство против народот и луѓето на Скопје“ и порача дека „некој си игра со трпението и здравјето на граѓаните“.
„Упатувам апел до сите надлежни институции: постапете итно и безмилосно! Скопје и неговите граѓани не смеат да се гушат во чад и отров,“ рече кандидатот за градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе останат на терен со граѓаните сѐ додека пожарот целосно не биде изгаснат.
Македонија
Движењето „Стоп за Вардариште“ во понеделник наутро ќе го блокира мостот „Близнаци“

Движењето „Стоп за Вардариште“ ја информира јавноста дека на ден 15.09.2025, понеделник, покрај протестот во 18:00 часот, ќе се одржи и протест со почеток од 07:30 часот наутро, со блокада на мостот „Близнаци“ помеѓу општините Аеродром и Гази Баба.
„Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и се поголемото труење кое му се прави на овој народ.
Ги повикуваме работодавците да бидат толерантни за работниците кои ќе задоцнат тој ден на работа“, се вели во известувањето на Движењето „Стоп за Вардариште“.
Македонија
Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок

Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој беше прашан дали огнот досега соодветно се гаснел со вода, пришто појасни дека дел од пожарот зафаќа дрвја, даски, пластика и друг запалив материјал. Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад, рече Ангелов, се изолира и ќе биде гаснет со песок. Најави и дека во секој момент ќе пристигне голема количина на песок.