Македонија
Арсовски: Македонија е лидер во корупција, неопходни се предвремени избори
Владата на СДСМ, конечно, може да се пофали дека е лидер во нешто. За жал, Владата на СДСМ ја направи Република Македонија лидер на Балканот и во Европа во корупција, изјави Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
„Република Македонија и официјално според извештајот на ‘Траспаренси интернешнл’ за 2018 година е лидер на Балканот и во Европа во корупција заедно со Косово и Албанија. Република Македонија е најкорумпираната држава на Балканот и го дели 93. место заедно со Косово. Република Македонија е најкорумпирана држава во Европа. Замислете, пред нас се сите балкански земји – Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Црна Гора – сите“, рече Арсовски.
Тој додаде дека пред нас се држави од типот на Свазиленд, Лесото, Буркина Фасо, Намибија, Руанда и многу други африкански држави.
„Со должна почит кон овие африкански држави, но Зоран Заев ја спушти Република Македонија пониско и од нивото на Африка. За жал, со ова гледаме дека Македонија не е само најкорумпирана во Европа, туку е и меѓу најкорумпираните држави во Африка. А впрочем како нема да биде најкорумпирана кога оваа Влада на СДСМ ја однесе дома и ја подели на своите најблиски целата држава и сите парите на граѓаните“, истакна Арсовски.
Во таа насока, нема тендер, а да не го добие некој од СДСМ или некој од фамилијата на Зоран Заев, рече Арсовски и додаде дека причина за предвремени избори е тоа што има криминални иновации, криминални и крвави тендери, концесии за марихуани, тендери на вицепремиери, вакцини со поминат рок, набавка на бифтеци и луксузни возила, прислушување обвинители и судии и многу други афери што граѓаните секојдневно ги гледаат.
„Зоран Заев треба да прифати предвремени парламентарни избори и Зоран Заев да си даде оставка од функцијата за да почне процесот на формирање техничка влада и, конечно, да се одржат предвремените парламентарни избори од кои бега СДСМ за тој да биде поразен заедно со СДСМ и испратен во историјата“, заклучи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

