Македонија
Министерството за здравство: На почетокот на сезоната со грип, нема загрижувачки бројки на заболени
Министерството за здравство информира дека е намален бројот на заболени лица од сезонски грип во однос на овој период минатата година.
Минатата недела, како што соопштија од Министерството, биле регистрирани 535 лица со грип, а оваа недела се регистрирани 20 отсто повеќе или 643 новозаболени со грип и заболувања слични на грип.
Во Институтот за јавно здравје се пристигнати 19 примероци за лабораториски испитувања, од кои 12 се позитивни на грип, велат од Министерството и додаваат дека станува збор за 10 лица со тип А (Х1Н1), односно пандемски грип, и две со А (Х3Н2) грип.
Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека на почетокот на сезоната за грип нема загрижувачи бројки на заболени.
„Во споредба со другите години, оваа сезона се одликува со побавен почеток на грипот, иако очекуваме зголемување на бројот на случаи. Високиот процент на позитивни резултати укажува дека сепак вирусот на грип е присутен и циркулира во земјата. Но, реално нема место за вознемиреност кај населението. Препораките се дека заболените од грип треба да останат дома и да примат терапија исклучиво по препорака на лекар и самостојно да не земаат антибиотици. Доколку хронично болните лица имаат симптоми на грип, задолжително да се советуваат кај матичните лекари“, вели доктор Микиќ.
Министерството за здравство информира дека има доволно количини од лекот „тамифлу“ со кој се третираат заболените и има доволно капацитети за хоспитализирање на лицата со евентуални компликации од грипот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

