Македонија
Реакција на Град Скопје за објавата поврзана со добитниците на конкурсот од областа на културата
Реакцијата на Град Скопје ја пренесуваме интегрално:
„Градот Скопје остро реагира на грешните наводи изнесени во текстот со наслов „Шилегов на здружението на својот шеф на Кабинет му додели 180 илјади денари“ објавен на вашиот медиум. Во комуникацијата што ја имавме со новинарот автор на текстот јасно беа наведени сите постапки и процедури по кои на најтранспарентен начин беа доделени средства за проекти на здруженијата кои ги исполнуваа критериумите. Беше наведено дека вработени во Град Скопје не се членови на „Плоштад Слобода“, а посочениот веќе неколку години не е претседател на здружението. Со оглед на тоа што, статусот на основач на здружение на граѓани не може да се повлече или поништи, тоа не може да биде критериум за оценување на сопственоста на здружението. „Плоштад Слобода“ има раководни органи каде што Никола Наумоски нема никакво влијание.
За потсетување, Градот Скопје минатата година за првпат на најтранспарентен начин, преку медиумите го објави јавниот повик за доделување средства за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје, нешто што не беше пракса претходно.
Во овој повик беа објавени и критериумите за бодување на проектите по кои ќе работат стручните комисии. Проектите кои ги наведувате во вашата статија ги задоволуваат сите критериуми за избор заради што имаат и високи оцени од конкурсните комисии. Станува збор за квалитетно изработени долгогодишни проекти, препознатливи во јавноста, преку кои недвосмислено се остварува локалниот интерес во културата. Оттука при носењето на одлуката за доделување средства за овие проекти не постои ниту конфликт на интереси, ниту каква било друга основа за злоупотреба.
Со цел поголема транспарентност и отчетност, доставувајќи ја во прилог листата на поддржани проекти Град Скопје и годинава ја продолжи праксата воведена лани за објавување на резултатите од Конкурсот за финансирање на манифестации, проекти и творештво на други корисници и чинители преку кои се остварува локалниот интерес во културата за 2019 година.
На конкурсот пристигнаа 411 комплетни апликации кои беа оценети од 6 стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје и претставници од културните институции на Градот. Тие водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, донеле одлука да се поддржат 231 предлог-проекти, односно 56% од пристигнатите пријави. За овој конкурс, Град Скопје издвои 16 милиони денари, при што годинава посебен акцент беше ставен на поддршката на младинските и на студентските проекти“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

