Македонија
Реакција на „Плоштад слобода“ за објавата поврзана со конкурсот на Град Скопје од областа на културата
Реакцијата на „Плоштад Слобода“ ја пренесуваме интегрално:
„’Плоштад Слобода’ е здружение на граѓани, не е сопственост на еден човек
Здружениетo ‘Плoштад Слoбoда’ е активно и конструктивно по сите прашања кои проектно, активистички или политички ги отворило, а нашиот став најчесто е експлицитно критичен кон актуелните јавни и урбани политики на сите единици на локалната самоуправа во Скопје, не само Градот. Сите потребни информации се достапни на нашата веб или фејсбук-страница, а секој од нас е на располагање и за изјави и коментари, кога има потреба и простор за тоа. За жал, новинарот Кристијан Ландов ја прескокна оваа можност при пишување на написот „Шилегов на здружението на својот шеф на кабинет му додели 180 илјади денари“, како што прескокнал и да се информира за актуелните ставови, проекти и работата на здружението, а за кои решил да напише дека замреле.
Проектот ‘Град за сите: Модерна за деца’, за кој ‘Плоштад Слобода’ од Град Скопје доби половина од побараните средства или 180.000 денари оваа година ќе се случува по втор пат, насочен е кон
деца на возраст од 8 до 12 години и документацијата и сработените материјали од првиот дел се достапни на јавноста. За овие активности можат да посведочат и триесетината дечиња кои
учествуваа во проектот преку јавен повик и нивните родители.
Здружението “Плоштад Слобода’ има своја претседателка, Управен одбор и членство – тела од кои Никола Наумоски, во моментот на носење одлука за професионален ангажман во Град Скопје, е
исклучен. Во овие тела, а и на проектните активности на здружението се активни луѓе со различни експертизи и искуства и единствено нивниот придонес во здружението го одржува да аплицира за да добива мали грантови за активности.
Демократско право е на сите граѓани, без оглед на работната позиција, да се здружуваат и да
основаат граѓански здруженија, и новинарите би требало да знаат дали и на кој начин основачите на здруженијата имаат влијание во функционирањето на здружението. Ние во ‘Плоштад Слобода’ сакаме да веруваме дека токму работата на Наумоски во здружението е една од точките во неговата професионална биографија кои го донеле на позицијата на која што е, и се гордееме на тоа, како што сме горди на достигнувањата на сите луѓе кои го основаа ова здружение, а денес воопшто не се активни во него.
Да ја градиме демократската и професионална средина заедно, дури и кога сме во
спротивставени позиции. Да се издигнеме над сопствените ниски професионални стандарди и да создадеме јавна сфера каква што доликува, без ширење лажни или непроверени информации, клевети, и општа површност во проблематизирањето на многу сериозни прашања.
Во тој контекст, ‘Плоштад Слобода’ ќе продолжи професипнално да соработува со еминентни новинарки и новинари, стои на располагање за прашања, изјави и коментари, но и очекува професионален однос од страна на новинарите.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

