Македонија
(Видео) Лазаревски до Мијалков: Директоре, па јас прв Ве внесов во просторијата за прислушување
Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски, кој незаконски прислушуваните разговори ги извади од МВР и му ги предаде на ексдиректорот на УБК, Зоран Верушевски, на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ рече дека тој прв во 2006 година го внел тогашниот нов директор на УБК, Сашо Мијалков, во просторијата каде што бил поставен системот за прислушување.
На прашање на адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, кој сè имал пристап во просторијата која се наоѓала на четвртиот кат во зградата на Граничната управа, каде што стоела машината, Лазаревски одговори дека покрај осумте лица маркирачи и одржувачи на системот, можност за влез во просторијата имал и Сашо Мијалков. Ексдиректорот на УБК на овој одговор се насмеа, на што Лазаревски му кажа: „Директоре, па јас прв Ве внесов во просторијата за прислушување“.
На денешното рочиште Лазаревски преку прашањата на адвокатите на обвинетите во случајот за нелегалното прислушување „Таргет-Тврдина“ го појаснува начинот на кој успеал да влезе во системот. Тој истакна дека во 2008 го искористил тоа што лозинката на главниот администратор за влез во системот не била променета и влегол со цел да ги види логовите, односно аквивностите што биле вршени во системот, односно времето кога корисникот влегувал и излегувал во системот и броевите што биле поставувани и прислушувани.
„Никој ми немаше поставено забрана за пристап да влезам во системот, иако веќе не работев на него. Ако некој сакал да не влезам, ќе ја променел лозинката. Го искористив моментот што лозинката не беше променета уште од кога јас бев началник на оперативната техника, до 2006 година“, рече Лазаревски.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска, независната кандидатка за јавен обвинител
Промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството, обвинија од СДСМ.
„Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски. Тој одлучува кој ќе биде назначен. Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска –независната кандидатка за државен јавен обвинител. Иако Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија“, велат од СДСМ.
Според партијата, независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира.
„Професионалец со интегритет не му се вклопува во концептот. Медиумскиот октпод на Орбан во Македонија и неговите 40% медиуми што ги контролира веќе ја слават елиминацијата на Ристовска. Не се крие ништо. На кого веќе не му е јасно? Ставаат обвинител под нивна контрола, сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд. Владата ги знае судските одлуки за процеси кои се уште не се завршени а Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат. Следува целосно погребување на правдата и правната држава. Исто како во времето на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
Македонија
Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски дека таа не е во игра за нов државен јавен обвинител
Во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Ленче Ристоска не е во игра за нов државен јавен обвинител, што ја даде во телевизиско интервју, таа вели дека тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска.
Според неа, професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска.
Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица кандидати за функцијата државен јавен обвинител, меѓу кои е и Ристоска.

