Македонија
(Видео) Џафери ја води седницата на албански јазик, за ВМРО-ДПМНЕ, тоа е противправно
Седницата, на која на дневен ред се пратенички прашања, собранискиот спикер Талат Џафери ја отвори на албански јазик. На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека Џафери постапува спротивно на Уставот и Деловникот.
„Сведоци сме дека брзате, кршејќи ги процедурите, да го ставите Законот за јазиците во употреба, а тоа е спротивно на член три 3 од Деловникот, каде што стои ‘службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо’“, рече координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и побара да се почека одговорот од Уставниот суд, каде што е поднесена иницијатива за оценување на Законот за јазиците.
Џафери на албански јазик возврати дека постапката пред Уставен не значи замрзнување примена на законот. Тој потсети дека законот е изгласан уште во јануари 2018 и дека поминала цела година и дека е јасно оти е веќе во употреба.
„Јазикот служи да се разбереме, поважно е да носиме закони во интерес на сите граѓани отколку на кој јазик ќе биде тоа, ние како владејачко мнозинство имаме иста цел – подобар живот за сите, концептот за едно општество е на здрави нозе“, рече координаторот на СДСМ, Јован Митревски.
Џафери првпат ја води седницата на албански јазик откако стапи во сила Законот за јазиците. Неговото 0бразложение зошто веднаш не почнал да ги води седниците на албански јазик по донесувањето на законот, беше дека чекал техничка подготвеност на собраниските служби, но ниту денеска не е обезбедена можноста за снимање директно на Вториот канал од галеријата од каде што медиумите ги следат седниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Македонија
(Видео) Жената во Гостиварско била застрелана пред да биде закопана во дупка, покажа обдукцијата
Завршена е обдукцијата на 53-годишната жена која беше пронајдена почината во атарот на гостиварското село Неготино. Според првичниот наод, таа била убиена со огнено оружје, соопшти Јавното обвинителство.
По наредба на јавен обвинител, во тек е вештачење на трагите подигнати од неколку локации, а паралелно се вршат претреси и се преземаат други истражни дејствија поврзани со случајот.
Краткотрајниот притвор за осомничениот е продолжен за уште 48 часа, додека јавниот обвинител до надлежниот суд предложил определување 48-часовен притвор и за неговата сопруга, којашто вчера беше задржана во полициска станица.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расветлување на настанот.
Вчера, во атарот на гостиварското село Неготино, беше пронајдено телото на 53-годишната Х. А., закопано во дупка. За убиството е осомничен 53-годишниот С.М. од истото село, кој, според Министерството за внатрешни работи, претходно дал лажен исказ во полициска станица. Неговата сопруга признала дека тој го извршил убиството и на полицијата ѝ го посочила местото каде што телото било закопано.
Хронолошки, жртвата, на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син. Подоцна на безбедносните камери тој забележал дека два претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот телефон. Синот во полиција пријавил и дека на безбедносните камери забележал оти ноќта помеѓу 6 и 7 декември сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и дека одзел пари од неговата соба. Пред два дена, рано утрото, во 2:15 часот, С. М. бил приведен поради сомнение дека ја принудил убиената Х. А. да замине од домот со него. Тогаш, во полицијата дал лажен исказ, а од добиениот листинг на повици било утврдено дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 7 декември. Завчера приведена била и неговата сопруга, која во полициска станица, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде потоа била закопана.

