Македонија
(Видео) Двајца полицајци меѓу напаѓачите во Шуто Оризари
Полицијата поднесе кривични пријави против седум лица за тепачката што се случи во понеделникот во Шуто Оризари. Двајца од нив се вработени во МВР. Против нив е поведена постапка за дисциплинска одговорност и времено им е прекинат работниот однос, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Поднесени се две кривични пријави од кои едната до надлежното Основно јавно обвинителство-Скопје против Ѓ. Д. (44), Е.З. (31), У. Ќ (30), С. Ј. (40) и А. И. (25) сите од Скопје и втората до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против лицата Е. З. (41) и А. З. (41) вработени во МВР, кои не биле на работа, поради основи на сомнение дека сториле кривично дело ‘насилство’“, рече Ангеловски.
Седуммината се осомничени дека ги истепале Б. К., Ф.К. и А.Р.. Двајца од нив, исто така, се полицајци.
„Откако од страна на повеќе лица кои биле во толпата, било запрено возило ‘хундаи галопер’, во кое се превезувале К. Б., како возач, А. Р. како совозач и Ф.К., настанала расправија, бидејќи пријавените се сомневале дека оштетените наводно грабнале дете во населба Шуто Оризари иако ниту едно семејство на територијата на Скопје нема пријавено таков случај. Оштетените биле извлечени од возилото и физички биле нападнати од пријавените, иако А.Р. се легитимирал со службена легитимација и кажал дека е вработен во МВР“, рече Ангеловски.
Пријавените по нападот избегале.
Од МВР апелираат до медиумите и граѓаните да не шират страв и паника за наводно киднапирање деца во Шуто Оризари.
„МВР нема дојава, ниту, пак, е пријавен настан за наводно киднапрање на деца. Тоа што се собираат жители во населбата е резултат на фамата што се создаде во јавноста. Ги замолувам медиумите да не ја подгреваат ситацијата со вакви објави“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Третиот стожер на „Стратегијата Македонија 2030“ е правна држава и институционална зрелост
Развојот на државата е невозможен без силни и доверливи институции. Затоа, „Стратегија Македонија 2030“ поставува јасна обврска, а тоа е систем изграден од правила, стандарди и професионализам, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес го презентираме третиот стожер – Правна држава и институционална зрелост. Нашиот план се заснова на три основи, а тие се независност, професионалност и транспарентност.
Првиот чекор е итно потребен, а тоа е независно судство. Судиите и обвинителите мора да напредуваат според компетентност, интегритет и резултати, а не според партиска припадност. Во овој дел дигитализацијата ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ја намали можноста за евентуални злоупотреби“.
Вториот чекор, вели тој, е администрација која ќе служи на граѓаните, а не командува. „Јавната служба мора да биде според мерит-систем, а тоа значи професионална и ориентирана кон граѓанинот. И во овој дел, дигиталните процеси ја намалуваат корупцијата и ја зголемуваат ефикасноста.
Третиот чекор е реална борба против корупцијата. Не со прес-конференции, туку со систем. Дигитализирани јавни набавки, автоматски проверки, алгоритамски аларми и професионални структури независни од политиката.
Четврт и последен чекор од овој трет стожер е полиција со кредибилитет. Полиција која мора да штити, а не да владее. Таа мора да биде видлива, одговорна и доверлива.
Правната држава не е формалност, таа е темел на економијата, демократијата и стабилноста. Системот мора да биде посилен од било кој поединец“.
Македонија
Откриени нелегално поставени рибарски мрежи во Охридско Езеро, запленети 46 килограми риба
Државниот инспекторат за земјоделство, во соработка со ПС за граничен надзор „Охридско Езеро“ (Езерска полиција), спроведе засилен заеднички надзор со цел заштита на рибниот фонд за време на периодот на природен мрест.
Во текот на контролите на потегот од поранешната Детска болница до хотел „Метропол“, инспекциските служби открија и одзедоа девет нелегално поставени рибарски мрежи. Од нив беа извадени 343 единки охридска белвица и 36 единки клен, со вкупна тежина од 46.6 килограми.
Одземените мрежи и рибниот улов, согласно законските процедури, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
„Потсетуваме дека периодот на забрана за лов на охридска белвица и охридска пастрмка трае од 1 декември до 28 февруари, поради што контролите ќе продолжат со несмален интензитет. Институциите и понатаму ќе преземаат координирани мерки за заштита и обновување на автохтониот рибен фонд во Охридското Езеро“,, велат од Инспекторатот.
Македонија
Општините го воспоставија Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион
Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион денес, во Скопје, одржаа конститутивна седница и официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) – формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад. Со ова, државата прави решителен чекор кон воведување модерен, координиран систем за управување со отпад по европски стандарди.
На настанот се обратија Златко Перински, министер за локална самоуправа, Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС, Игор Никовски, директор на Управата за животна средина и Лена Фалкон, програмски директор во SALAR International.
Веднаш по поздравните обраќања, свечено се потпиша договорот за воспоставување на МОУО. Со воспоставувањето на МОУО, општините прават јасен премин од досегашните ад-хок и фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира во подобра организација, поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни услуги и поголема сигурност за граѓаните. Овој системски пристап е суштински за да се обезбеди конзистентно, транспарентно и професионално управување со отпадот, усогласено со домашното законодавство и европските стандарди.
Новоформираното тело ќе има обврска да: усвојува регионални планови за управување со отпад, ги одобрува клучните инвестиции во регионалната инфраструктура, координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии, го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот.
Овој мандат на МОУО создава силна основа за стабилен, отчетен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.
Со воспоставувањето на МОУО всушност започнува следната фаза од реформата за управување со отпад, која вклучува пред сѐ изработка на нов Регионален план за управување со отпад 2026–2032, финализирање на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, координирање на работата на надлежните институции, но и засилен ангажман за целосно и навремено информирање на јавноста. Овие активности се суштински за воспоставување целосно оперативен РСУО.
Градоначалниците од двата региона преку колективна одлука, покажаа дека регионалната соработка е клучна за развојот и квалитетот на живот на граѓаните.
Шведска и Швајцарија, како долгорочни партнери даваат поддршка во процесот, обезбедувајќи стабилност, експертиза и кредибилитет во секоја фаза од реформата.
Активностите се спроведени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.

