Македонија
Османи побара помош од Финска за имплементација на Законот за јазиците
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој е во работна посета на Финска, оствари средба со министерот за европски прашања, Само Терхо, на која беа отворени темите за процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, како и евро-атлантските перспективи на Македонија.
Од кабинетот на Османи соопштија дека имајќи ја предвид успешната примена на двојазичност во рамките на финската администрација, каде што, покрај финскиот, во целосна службена употреба е и шведскиот јазик, Османи побарал поддршка во знаење, размена на искуство и начин на имплементација во согласност со потребите за усогласување на администрацијата и во Македонија со новиот закон за употреба на албанскиот јазик.
„Доаѓам во веројатно најважниот период за нашите европски интеграции, веднаш по успешната имплементација на договорот од Преспа, што претставува историска пресвртница не само за нашата земја туку и за целиот регион“, истакна Османи на почетокот од средбата.
Презентирајќи ја динамиката на спроведувањето на реформите од планот 18, Османи ја потенцира интенцијата на Владата да ги имплементира практично сите преземени обврски создавајќи со тоа услови за чиста и беспрекорна препорака од страна на Европската комисија, која би водела до конфирмација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Европскиот совет во јуни оваа година.
„Европската идеја на Балканот има смисла само доколку процесот добие вистинска валоризација преку конфирмација на одлуката и почеток на преговорите со Македонија од страна на Европскиот совет во јуни оваа година“, истакна Османи изразувајќи надеж дека во рамките на претседателството на Финска со ЕУ, во втората половина од оваа година, Македонија и ЕУ ќе ја реализираат и првата меѓувладина седница, со што и формално ќе почнат билатералните преговори.
Во рамките на посетата на владата на Финска, Османи оствари средба и со Нина Нуркала, специјална советничка за европски прашања на премиерот Јуха Сипилја, како и со делегацијата на Министерството за надворешни работи, предводена од државниот секретар, Самули Виртанен. Во рамките на посетата на Финска, Османи оствари посета и на финскиот парламент, каде што имаше средба со делегацијата на Комисијата за европски прашања, предводена од претседавачот Артон Сатонен. На маргините на средбата Османи имаше можност да го посети и Европскиот центар на извонредност, посветен на борбата против современите хибридни закани, кој работи под покровителство на Европската Унија и НАТО, а се наоѓа во Хелсинки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жерновски со претставка до Судскиот совет за изјавите на Митева за незавршена судска постапка
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, поднесува претставка до Судскиот совет поради изнесните информации од страна на портпаролката на Владата на Мицкоски, Марија Митева, во кои таа јавно соопштува исход од судска постапка која сè уште е во тек, информираат од СДСМ.
„Признавањето како истата поседува информации дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е крајно сериозно и скандалозно, бидејќи второстепена одлука (од Виш управен суд) сѐ уште не е донесена. Понатаму, преку соопштение, во нов обид да манипулира со јавноста, повторно изнесе податоци поврзани со исходот од сѐ уште незавршената судска постапка, со што направи долнителен прекршок“, вели во својата објава на социјалните мрежи, Жерновски.
Притоа, Жерновски нагласува дека уште поскандалозeн е фактот дека конкретната судска постапка воопшто и не се води против Владата, туку против Претседателот на државата.
„Прашањето е едноставно, како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка? Како истата располага со информации дека воопшто е донесена првостепена одлука, дека има жалба и дека истата е неоснована, во услови кога воопшто не е донесена второстепена одлука? Ова не се „гласини кои кружат во јавноста“. Тоа може да биде единствено информација добиена директно од самиот суд“, вели Жерновски.
Тој додаде дека на овој начин се потврдува влијанието и недозволивото мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на владеење на правото и поделба на власта.
Поради сериозноста на ситуацијата, поднесувам претставка до Судскиот совет. Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има“, посочи Жерновски.
Македонија
Андоновски на средба со амбасадорката на САД, Варнс: Потврдена соработката со САД во делот на сајбер-заштитата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со Никол Варнс, вршителка на должноста амбасадорка на Соединетите Американски Држави, на која беше потврдена силната стратешка соработка меѓу двете земји.
Андоновски изрази благодарност до амбасадорката Варнс за континуираната поддршка од САД во процесите на модернизација на институциите и јакнење на сајбер-безбедноста.
Тој истакна дека стратешкиот дијалог претставува основа за унапредување на економската, трговската и стратешката соработка меѓу двете држави, при што сајбер-безбедноста и дигитализацијата се меѓу клучните столбови на овој дијалог.
“Министерството за дигитална трансформација продолжува да гради партнерства и да работи на зајакнување на националните капацитети за сајбер-заштита, преку соработка со меѓународни партнери и размена на добри практики“.
Македонија
Почна изградбата на водовод и атмосферска канализација во Ласкарце – инвестиција од 85 милиони денари
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на водоводната мрежа и атмосферската канализација за жителите на селото Ласкарце во општина Сарај.
„Правиме пресврт во начинот на кој ја третираме состојбата на терен. Целта е трајно да ги решиме инфраструктурните проблеми“, изјави Хоџа.
Инвестицијата во Ласкарце за изградба на водоводната мрежа и атмосферската канализација изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, и претставува дел од поширок пакет проекти со кои систематски се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните во општина Сарај.
Наскоро ќе започне и уредувањето на Сува Река, со што ќе се обезбеди трајно решение за намалување на ризикот од поплави во населените места на оваа општина.

