Македонија
НАТО ќе го потпише протоколот со Македонија на 6 февруари

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг преку неговиот профил на „Твитер“ соопшти дека на 6 февруари ќе биде потпишан пристапниот документ за членство на Македонија во Алијансата.
„На 6 февруари ќе испишеме историја. Сојузниците на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол со идната Северна Македонија, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров“, напиша Столтенберг на социјалната мрежа.
On 6 February we will write history: #NATO Allies will sign the accession protocol with the future Republic of North Macedonia together with FM @Dimitrov_Nikola. pic.twitter.com/vyJVHJm9D5
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) February 2, 2019
Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел. По потпишувањето на пристапниот протокол, секоја од земјите членки на НАТО ќе треба да го ратификува членството на Македонија. Се очекува оваа процедура да заврши кон крајот на годинава или почетокот на следната година, со што Македонија официјално ќе стане членка на НАТО откако сите 29 членки ќе го ратификуваат протоколот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.