Регион
Невреме на Балканот: Урнати мостови, потопени улици, куќи под вода

Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска викендов ги погоди силно невреме.
Најсериозно е во Босна, каде поради силните дождови и зголемувањето на водостојот водата однесе мостови и делови од патиштата. Во близина на местото Бугојно голем број куќи се под вода, а населението се евакуира.
Наглото топење на снегот и дождот што паѓа од синоќа предизвикаа проблеми во неколку зенички населби.
Блокиран е сообраќајот, а се изли реката Врбас, додека нивото на реката Босна е високо.
Во Хрватска времето е исклучително топло, какво со години немало во овој период од годината. Синоќа таму дуваше силен ветер кој утрово донесе отпад во дубровничкото пристаниште.
Поплави го погодија источниот дел на Истра каде имаше невреме со грмотевици, обилни дождови и силен ветер.
Вечерва проблеми предизвикаа дождовите и во Словенија. Неколку сообраќајници се затворени поради излевањето на реката Випава и неколоку потоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грчките работници на генерален штрајк поради високите животни трошоци и ниските плати

Водечките грчки синдикати од приватниот и јавниот сектор денеска повикаа на еднодневен генерален штрајк, барајќи повисоки плати и зголемените трошоци за живот, а општиот прекин на работата веќе од утрото почна да го парализира животот во Грција.
Штрајкот го свикаа синдикатите кои ги претставуваат вработените во приватниот и јавниот сектор – Генералната конфедерација на грчките работници (ГСЕЕ) и синдикатот на вработените во јавните служби АДЕДИ.
Главна причина се вртоглавите зголемени трошоци за живот, а истовремено и стравот дека новите царини што ги воведоа САД уште повеќе ќе ја отежнат положбата на вработените.
„Зголемувањето на трошоците за живот ги нагризува платите на вработените, а владата не покажува дека се грижи за тоа“, велат од Синдикатот на ГСЕЕ. Според тој синдикат, голем дел од населението троши повеќе од 40 отсто од приходите за кирија и греење, пренесе агенцијата АП.
Повикот за еднодневен прекин на работата се однесува на речиси сите активности, вклучително и јавниот превоз, воздушниот и поморскиот сообраќај, образованието и градската администрација, пишува грчкиот весник Катимерини.
Кон штрајкот се приклучија и контролорите на летање, кои иако беше предложено тие да бидат забранети, судот во вторникот попладне пресуди дека и тие имаат право на штрајк.
Од утрото на 9 април, траектите останаа врзани во пристаништата, но и бродовите, бидејќи во прекинот на работата учествува и Панхеленската морнарска федерација (ПНО).
Островите се отсечени од континенталниот дел на земјата, а странските туристи се заробени на аеродромите, или дури не успеале да стигнат до своите дестинации во Грција.
Метрото и надземната градска железница во Атина ќе сообраќаат ограничено во текот на денот, а според изменет распоред, главно линиите до меѓународниот аеродром во Атина, а некои станици ќе останат затворени. Очекувано слично ќе функционира градскиот јавен превоз во цела Грција.
Целосно ќе биде прекинат железничкиот сообраќај во земјата, вклучително и приградските линии.
Низ земјата се одржуваат демонстрации, а синдикатите повикаа на централни протести во Атина. На протест повика и Грчката Панхеленска федерација на вработени во угостителството и туризмот.
Синдикатите бараат корекции на колективните договори во сите сектори, зголемување на платите, повторно воведување на 13-та и 14-та плата и политички мерки кои ќе го намалат инфлацискиот притисок врз населението.
Регион
Kиднапирале старица и ѝ ги украле парите: уапсени маж и жена во Загреб

Полицијата ја заврши кривичната истрага против 45-годишен маж и 26-годишна жена, осомничени дека на 24 март во Загреб киднапирале и ограбиле 86-годишна жена, соопшти Полициската управа во Загреб.
Полицијата соопшти дека 45-годишен маж и 26-годишна жена се осомничени дека заедно извршиле разбојништво, противправно лишување од слобода и измама во обид, а 26-годишната жена е осомничена и за компјутерска измама.
Полицијата прецизира дека мажот и девојката се осомничени дека на 24 март околу 13 часот се возеле на улицата, каде што застанале пред 86-годишна жена. Потоа 45-годишникот го спуштил совозачкото стакло од автомобилот и лажно ѝ се претставил како полицаец барајќи од 86-годишнишната да влезе во автомобилот.
Бидејќи 86-годишната жена не сакала да влезе, 26-годишна жена излегла од автомобилот, ја турнала на задното седиште од возилото, а потоа се вратила на возачкото седиште.
Во текот на возењето побарале од 86-годишната жена да им го предаде паричникот, а кога таа одбила, ѝ го грабнале паричникот од раката. Потоа 26-годишната жена со банкарската картичка во два наврата подигнала 600 евра од банкомат по што ја оставиле 86-годишната жена на улица и се оддалечиле.
Исто така, постои сомнеж дека дуото истиот ден околу 10.30 часот му пришле на 69-годишен маж, кој седел на клупа на плоштад во Велика Горица и лажно му се претставиле како полицајци. Потоа го повикале да седне во автомобилот со нив за да спроведат истрага и побарале од 69-годишникот да ги предаде сите пари и златото.
Кога 69-годишникот се вратил во станот, веднаш повикал полиција и го пријавил настанот.
Регион
Италија ѝ донира воен брод на Албанија

Италија ѝ донира воен брод на Албанија за да им помогне на Албанците да ја зајакнат својата војска, да ги зголемат патролите на крајбрежјето и да го интензивираат учеството во мисиите на НАТО.
Libra P 402, патролен брод од класата Cassiope, изграден од Италија кон крајот на 80-тите, се закотви во западното пристаниште Драч и официјално ѝ беше предаден на Албанија за време на церемонијата, на која присуствуваа премиерот Еди Рама и министрите за одбрана на двете земји. На едната страна од бродот беше насликано големо албанско знаме, а бројот на бродот беше променет во P 133.
„Ова е конкретна демонстрација на пријателството меѓу Италија и Албанија и нашата желба да работиме и да соработуваме на воено и економско поле“, рече италијанскиот министер за одбрана, Гидо Крозето, повикувајќи ги членките на НАТО на поблиска соработка.
Рама го опиша подарокот како „многу дарежлив и знак на длабоко пријателство и почит“.
Бродот долг 80 метри може да достигне брзина до 20 јазли (37 km/h) и има дострел од 3.200 наутички милји (5.900 километри). Главно е одговорен за поморската одбрана и за надзор, а има екипаж од 60 члена, хелиодром и гаража.
„Тие ќе служат не само во безбедносни и мировни мисии во водите на Република Албанија во Јадранското и во Јонското Море, туку и во Средоземното Море за учество во мисиите на НАТО“, најави контраадмиралот Аднан Агастра, шеф на албанската морнарица.
По влегувањето на Албанија во НАТО во 2009 година, Италија е еден од најважните поддржувачи на нејзините тековни напори за модернизација на војската во согласност со барањата на НАТО.