Македонија
На „Монструм“ се слушаат телефонски разговори без присуство на јавноста

Во кривичниот суд со презентирање на телефонски разговори и СМС-пораки, денеска продолжи судењето за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. По одлука на Судечкиот совет, исто како и на минатото рочиште, јавноста е исклучена.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, на минатото рочиште истакна дека во комуникациите нема ниту една реченица во која има какви било индиции што упатуваат дека овие обвинетите се сторители на делото.
„Убедени сме, а тоа ќе се утврди и во текот на постапката, дека во комуникациите нема ништо што ги инкриминира овие обвинети за ова кривично дело. Апсолутно ниту еден збор ниту една реченица не ги инкриминира. Ние ги знаеме овие разговори, во нив се секојдневни вообичаени комуникации помеѓу обвинетите. Овие материјали немаат никаква доказна вредност за предметот“, рече Рауфи.
Предметот „Монструм“ од страна на Врховниот суд е вратен повторно во судска постапка од почеток откако на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.
Двајца од обвинетите за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство и се наоѓаат во Косово.
Министерството за правда сè уште нема добиено одговор дали обвинетите ќе бидат екстрадирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис.
„Средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на заемните дипломатски односи. Во оваа прилика, министерот Муцунски упати искрена благодарност за промптната медицинска помош што Грција ја обезбеди за дел од повредените во трагедијата во Кочани, оценувајќи го овој чин како силен гест и одраз на вистинско пријателство меѓу двете соседни земји“, соопшти МНР.
Двајцата министри ја нагласиле заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
Македонија
ФЗО: Историско зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита

Во просториите на Владата се одржа панел-дискусија по повод историското зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита, што ги опфаќа матичните лекари од областа на општата медицина, гинекологијата и општата стоматологија, информира Фондот за здравствено осигурување.
На дискусијата учествуваа директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПРЛМ), Лилија Чолакова-Дервишова, Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, како и Лоран Страшевски, матичен стоматолог.
Директорот Клековски потенцираше дека со ова значајно зголемување на капитациониот бод се опфатени над 2.000 склучени договори, од кои околу 200 се со матични гинеколози, додека најголем дел се однесуваат на матични лекари по општа медицина и општа стоматологија. Вкупно се опфатени над 2.500 матични лекари.
„Во изминатата деценија бележиме стагнација и намалување на бројот на матични лекари – само во 2024 година има 30 помалку во однос на 2023. Со оваа мерка интервенираме поради две суштински причини: да го запреме падот на бројот на матични лекари и да го подобриме квалитетот на услугите во примарното здравство. Охрабрени сме и од препораките на СЗО дека државaта одвојува значителни средства за болничко лекување, додека инвестициите во превентивата се недоволни“, истакна Клековски.
Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестијев го нагласи значењето на оваа инвестиција, која ќе овозможи поголема мотивација и ангажман на матичните гинеколози во спроведувањето на скрининг-програми за рана детекција на гинеколошки заболувања. „Со оваа мерка се постигнува долгорочна заштеда за државата, преку намалување на трошоците за третман на пациенти на терцијарно ниво“, истакна таа.
Претседателката на ЗПРЛМ, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, изрази задоволство од зголемувањето на капитациониот бод од свое име и од име на сите матични лекари. Таа посебно ја истакна важноста на оваа стимулација за лекарите што работат во руралните средини, каде условите се значително потешки. Исто така, ја потенцираше одличната и континуирана соработка со Фондот за здравствено осигурување при решавање на сите прашања поврзани со работата на матичните лекари.
Матичниот стоматолог, Лоран Страшевски, зборуваше за позитивните ефекти што оваа мерка ќе ги има врз стоматолошката практика. „Зголемувањето на капитациониот бод ќе придонесе за задржување на младите стоматолози во земјава и ќе го намали ризикот од затворање на стоматолошки ординации. Оваа стимулација ќе овозможи модернизација на ординациите преку набавка на современа апаратура и стоматолошки материјали“, нагласи Страшевски.
Македонија
СДСМ: Очајни лаги на ДПМНЕ за Филипче, и ДКСК ги демантира нивните невистини

ДПМНЕ продолжува со старата матрица на лаги, дезинформации и неосновани напади врз претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ништо од кажаното за набавката на вакцините не е точно, ДПМНЕ врти стари лаги во ново пакување. Јаловите напади, очајните лаги и невистини за Филипче, го одразува стравот на ДПМНЕ од неговото лидерството, исправноста на политиките и вистинските промени што се случуваат во СДСМ.
Впрочем, лагите на ДПМНЕ за Филипче ги демантираше и Антикорупциската комисија (ДКСК).
Официјално ДКСК го затвори предметот за имотот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, потврдувајќи дека се е чисто и нема никакви никакви неправилности околу неговиот имот“, истакнуваат од СДСМ.
Во септември минатата година, како што посочуваат, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, излезе на прес-конференција од белата палата, од истата говорница, со лажна конструкција дека и најави претставка до ДКСК.
Според нив, со официјалната одлука токму на ДКСК, сите овие тврдења на ДПМНЕ се разоткриени како целосно неточни и злонамерни.
„Да имаше барем малку морал во ДПМНЕ досега ќе излезеа пред ѓраѓаните и ќе им се извинеа за изнесените лаги.
Неместо тоа, ДПМНЕ продолжува со препакување на измислиците за Филипче. Тоа едноставно не поминува“.
Едно е факт, како што подвлекуваат, СДСМ расте, се менува и работи за иднината на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во старите шаблони на лага и манипулација.