Македонија
Царовска: Годинaва ќе бидат изградени 11 градинки во Македонија
Вкупно 11 нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика. Министерката Мила Царовска денеска ги потпиша договорите со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба (2 градинки).
Со изградбата на градинките капациетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.

Министерката Царовска ги повика општините да конкурираат со квалитетни проекти за изградба на нови градинки, затоа што освен во буџетот на министерството за истата намена на располагање се и уште 15 милиони евра од Светска банка.
„Капиталните инвестиции во детската заштита се и остануваат приоритет на Владата. Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на човекот, затоа посветено работиме на јакнење на капацитетите и стручноста на детските градинки низ цела држава и во руралните и во најодалечените места низ Македонија. Годинава буџетот на МТСП за капитални инвестиции во детската заштита е зголемен за 300 %, дополнително на располагање имаме пари и од Светска банка“, изјави министерката Царовска на средбата со градоначалниците.
Изминатата година, велат од Министерството за труд и социјална политика, опфатот на децата во предучилишно образование е зголемен за 1.959 деца. Од нив 1.209 се државните градинки, додека останатите 750 во приватните објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа истакна дека и покрај бројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово-базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени. За неа, фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано.
Според неа, борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавно-обвинителските и судските.
Сиљановска-Давлова посочи дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратија и амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел се обратија: Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Mинистерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќиго и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа Femicide Watch.
Сите учесници беа согласни дека покрај 16 дена активизам, потребно е 349 денови ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.

