Македонија
Влада: Отписот на долговите за струја не е на товар на граѓаните
Владата на Република Македонија, во консултација со ЕЛЕМ и ЕВН, информира дека отписот на долговите за електрична енергија се однесува на заостанатите долгови на граѓаните заклучно со август 2005 година, односно до моментот од кога ЕВН ги презеде долговите од државната компанија ЕСМ.
Освен долгот за струја, во предвидениот отпис е опфатен и долгот за радиодифузна такса која до тој период се прибираше преку сметките за струја.
„Бројката на граѓани опфатени со овој отпис на долгови е утврдена врз основа на бројката на оптужени должници и изнесува околу 200 илјади граѓани. Во голем процент станува збор за граѓани од ранливите категории население, како корисници на социјална помош и пензионери“, соопшти Владата.
Како што се наведува, со отписот на долговите, граѓаните опфатени со оваа мерка се ослободуваат и од натамошните бирократски и административни постапки, кои освен олеснување од правно-процедурален аспект, за граѓаните значи и ослободување од сите идни трошоци поврзани со извршителски, нотарски и судски такси и трошоци за постапки на извршување.
„Овој отпис на долговите за струја и радиодифузна такса на ниту еден начин не значи дека вкупниот долг ќе биде надоместен од буџетот на државата, односно дека паѓа на товар на останатите граѓани, туку едноставно за отпишување на овој долг за кој постои изразена силна волја од Владата, ЕЛЕМ и од ЕВН“, додава Владата.
Со оваа мерка единствена придобивка ќе имаат нашите сограѓани на границата на социјалната сигурност, кон кои Владата, како и компаниите ЕЛЕМ и ЕВН, се должни да ја изразат својата солидарност како институции и компании со висок степен на општествена одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

