Македонија
(Видео) Заев во Софија: Пријателството никогаш не било поголемо, сакаме трговската размена да достигне 1 милијарда евра
Премиерот Зоран Заев во Софија оствари тет-а-тет средба со својот бугарски колега Бојко Борисов со кого, како што информираат од владината прес-служба, разговарале за идната соработка меѓу двете земји за која соговорниците констатирале дека по потпишувањето на договорот за пријателство и добрососедство, бележи постојан раст во сите области.
На средбата се разгледувале можности за создавање услови за зголемување на трговската размена со заемно намалување на царинските стапки.
Заев на средбата оддал благодарност за континуираната поддршка од Република Бугарија за членство на нашата земја во НАТО и за ЕУ, како и за подготвеноста на Бугарија да го сподели искуството за сите прашања поврзани со подготовките во пристапниот период и за ефикасно користење на европските фондови во оваа фаза од преговорите.
Во насока на спроведување на договорот за пријателство и добрососедство, премиерот Заев соопшти дека како резултат на работата на двете комисии за заедничко одбележување историски настани и личности, набргу во Република Македонија, во близината на Дојран, на местото каде што го загубил животот, ќе биде подигнат споменик на полковник Константин Каварналиев, бележит лик од историјата на Бугарија од периодот на Првата светска војна.
Премиерите разговарале и за подготовките за втората меѓувладина седница, која годинава треба да се одржи во Бугарија, а заедничкиот бизнис-форум, што се одржа во Скопје, го оцениле како дополнителен импулс за економската соработка како врвен приоритет на граѓаните и на бизнис-заедниците на двете земји.

На средбата било констатирано дека прекуграничната соработка се интензивира и дека ќе бидат вложени сите неопходни напори стабилната трговска размена од речиси 600 милиони евра да достигне вредност од 1 милијарда евра.
Соговорниците истакнале дека континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8 останува капитален интерес за двете земји. На средбата станало збор и за имплементацијата на договорот со Грција по ратификацијата во Атина по што следува членките на алијансата да го потпишат протоколот за членство на нашата земја во НАТО, со што во сила ќе стапи формалното користење на новото уставно име – Република Северна Македонија.
Заев во Софија предводи владина делегација во чиј состав се министерот за култура, Асаф Адеми, и други членови на канцеларијата на премиерот и на Mинистерството за култура.

Програма за соработка во областа на културата потпишаа министрите за култура Асаф Адеми и Боил Банов, а таа претставува правна рамка за воспоставување директна соработка меѓу културните институции во двете земји, со цел размена на културни и уметнички вредности, што е во функција на приближување на народите и државите.
Програмата за културна соработка меѓу двете земји се одржа откога двајцата министри за култура положиле венци свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Софија по повод денот на неговото раѓање.
Работната посета на македонската делегација на Република Бугарија завршува вечерва со културно-уметничка програма со учество на уметници од други држави од регионот во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
Одбраната во ера на брза технологија: Македонија дел од глобалната дебата за воена вештачка интелигенција
На покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој денес и утре се одржува во А Коруња, Шпанија.
Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право.
Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.
“Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста”, рече министерот. Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.

