Македонија
Заев како Груевски, отпишува долгови во пресрет на претседателските избори
Владата на Зоран Заев со отписот на долговите за струја и исплатата на лозарите посегна по популистички мерки по примерот на владеењето на експремиерот Никола Груевски. Ова е ставот на граѓаните по најавата на премиерот Зоран Заев за отписот на сметките за струја направени до 2006 година и најавата на министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, за покривање на долговите што некои приватни винарници го имаат кон лозарите во пресрет на претседателските избори.
Ставот го оправдуваат споредувајќи го отписот на долгови за струја, за радиодифузија, за кредитни картички и за извршители, што експремиерот Груевски го најави во пресрет на претседателските избори во 2014 година.
Одговор на прашањето зошто токму сега, во пресрет на претседателските избори, се одлучува за отписи на долгови, нема, но министрите со денови објаснуваат дека за долговите нема да се трошат народни пари и дека граѓаните во никој случај нема да бидат оштетени.
Денес, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, објасни дека парите што од буџетот ќе бидат потрошени за исплата на лозарите ќе ги вратат винарниците преку механизмите на државата.
„Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми. Почекајте ја одлуката на Владата, која треба да се донесе в четврток. Се покриваат долговите на лозарите.
Државата не презема долгови на компании, државата директно ги обесштетува лозарите, а бидејќи никој за една работа не може да има двојна исплата, преку постојното законско решение државата го побарува износот што овие винарници или откупувачи треба да им го платат на лозарите и преку финансиски инструменти на УЈП и на платежната агенција тоа се пари што ќе се вратат во буџетот. Работата е што лозарите долго чекаа на решавање на овие проблеми и сметам дека е одговорно да си ги добијат побргу своите средства“, објасни министерот Николовски.
Владата најави дека пред претседателските избори ќе го исплати долгот над 1,5 милион евра што винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“ го имаат кон лозарите за земеното, но неплатено грозје во периодот од 2014 година до 2016 година.
Отписот на долговите за струја, пак, вчера го објаснуваше вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Иако премиерот Зоран Заев од трибина во Охрид минатата недела најави дека ќе им биде покриен долгот за струја на речиси 200.000 семејства во износ од 110 милиони евра направен до 2006 година, вицепремиерот Анѓушев рече дека ќе се прави анализа за точната бројка на граѓани, а покривањето на долгот нема да го оштети државниот буџет.
„Премиерот само ја најави мерката како активност. Во моментот течат разговори на таа тема. Не станува збор дека државата ќе одвојува средства од буџетот за да плаќа долгови, туку преговараме со компаниите да бидат отпишани во нивните книги долговите што се генерирани со години претходно“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
Иако и во двата случаја се работи за стари долгови, ниту министрите ниту премиерот не објасни зошто одлуките за покривање на долговите ги носат сега во пресрет на претседателските избори.
Во пресрет на последните претседателски избори во 2014 година, тогашниот премиер Никола Груевски вети отпис на долговите за струја, за радиодифузија, за кредитни картички и за извршители. Право на отпис имаа невработени лица, корисници на социјална парична помош и лица што поради болест или смрт на близок член од семејството не можеле да ги намират обврските. Тогаш Груевски отписот на долгови го правдаше со економската криза што многу лошо ја поднеле ранливите категории граѓани. Неколку месеци по најавата, Груевски извести дека биле отпишани долгови на граѓаните во износ од 30 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

