Култура
Независниот филм „Јавачи на коњи” прогласен за најдобар филм на филмскиот фестивал во Непал

„Јавачи на коњи“ е социјална драма по сценарио на Никола Кузелов, а во режија на Марјан Гавриловски. Во главните улоги се јавуваат Бобан Кулески, Никола Кузелов и Долорес Поповиќ. Станува збор за независен филм кој е работен во Скопје во 2016 година, а својата премиера ја доживува година подоцна во „Кинотека“ на Македонија.
„Јавачи на коњи“ беше прогласен за најдобар игран филм на Yala International Film festival, кој се оддржа минатата недела во Непал, Јужна Азија. Оваа главна награда на вечерта едногласно беше доделена од жирито кое го сочинуваат оскаровецот Марк Башет, Дина Јорданова, професор на филмската академија „Сент Ендру“ во
Шкотска и професор на универзитетот во Хонг Конг и Том Валер, филмски продуцент, сценарист и режисер.
„Интимен портрет на изгубените генерации од постконфликтната Југославија. Впечатлив и уверлив перформанс на тројцата главни ликови. Хармоничен и силно емотивен филм” – е коментарот за „Јавачи на коњи“ од Yala International Film festival.
Инаку, ова е втора награда за „Јавачи на коњи“ по наградата за најдобар филм на Fam Fest International 2018 во Северна Каролина, САД. Филмот до сега има учествувано на голем број фестивали низ Европа и светот, меѓу кои во Шпанија, Шведска, Италија, Јужна Африка, Швајцарија, Полска, Чешка, Романија и Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Награда во Еквадор за „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Балканскиот хумор, сатиричниот тон и универзалните теми на филмот ја освојуваат и латиноамериканската публика.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.