Македонија
Кој доби највисоки оценки на листата за идни антикорупционери

Објавена е ранг-листата со бодирање за идни членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Според оваа листа, веќе сè поизвесно станува кој ќе влезе во составот на идната антикорупциска комисија, која ќе биде со проширени надлежности, а се очекува да работи независно.
Најдобро се оценети досегашните кадри од ДКСК, Владимир Георгиев, дипломиран економист од Скопје, кој беше државен советник во Комисијата, и Софка Пејовска-Дојчиновска, генерален секретар.
Понатаму, следува Катица Николовска, дипломиран економист од Велес, Нури Бајрами од општина Гостивар, Билјана Николовска, дипломиран економист од Скопје, која е можно да биде и идниот претседател, Горан Трпеноски, новинар од редакцијата на „Сакам да кажам“, и Шемши Салаи, дипломиран правник. Високо на листата котираат и Владимир Клековски и адвокатот Рахамин Мизрахи.
Кандидатите за членови на ДКСК првпат беа интервјуирани јавно од страна на седумчлена комисија и со можност за поставување прашања од новинари и претставници од граѓанскиот сектор.
Ранг-листата утре ќе се најде пред комисијата за избори и именувања, која треба да одлучи кои седум антикорупционери ќе бидат избрани од пријавените 80, а селектирани 57. Собранието потоа треба да ги гласа на пленарна седница по што тие ќе дадат свечена заклетва и ќе седнат на работните места, каде што се заостанати голем број предмети за криминал и корупција со оглед на тоа што последнава година антикорупциската комисија работеше само со двајца члена бидејќи петмина дадоа оставки по обелоденувањето на скандалот дека тие неоправдано трошеле огромни суми за патни трошоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани со унгарскиот министер за ЕУ-прашања, Бока: разговарано за клучните прашања поврзани со европската интеграција на Македонија

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на својот унгарски колега, министерот за ЕУ-прашања на Унгарија, Јанош Бока, кој престојува во работна посета на земјава.
Во рамките на посетата министрите одржаа тет-а-тет средба по што следуваше и пленарна сесија на делегациите, на која се разговараше за клучните прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија и интензивирање на билатералната соработка во контекст на ЕУ.
Министрите ја реафирмираа заедничката определба за продлабочување на односите меѓу двете земји, особено во доменот на поддршка во пристапниот процес кон Европската Унија. Унгарија, како докажан поддржувач на европските аспирации на Северна Македонија, уште еднаш ја потврди својата подготвеност да го сподели своето искуство и експертиза во евроинтегративниот процес.
Муртезани и Бока потпишаа меморандум за соработка меѓу министерствата за европски прашања на Северна Македонија и Унгарија, кој поставува основа за долгорочна институционална соработка, размена на искуства, административна поддршка и координација во насока на усогласување со европското законодавство и ефективно користење на европските фондови.
На заедничката прес-конференција министерот Муртезани исткна: „Оваа возвратна посета не е само уште еден настан во динамичниот календар на нашите билатерални односи, таа носи во себе силна порака. Порака дека партнерствата се градат преку доследност, доверба и заедничка визија. Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски врски, а билатералната соработка добива уште позасилена динамика. Унгарија одамна ја има нашата благодарност за гласната поддршка за нашиот евроинтегративен пат“.
Во контекст на меморандумот за соработка Муртезани истакна: „На нашата веќе блиска соработка ѝ даваме институционална димензија и стабилна рамка. Овој документ не претставува само формализирана административна алатка туку е израз на нашата заемна посветеност за продлабочување на партнерството преку размена на знаење, искуства и заеднички напори кон исполнување на европските стандарди“.
Македонија
Вчера, 707 сообраќајни прекршоци на територијата на целата држава, 218 за брзо возење

Продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли по патиштата низ земјава вчера полициските службеници издале вкупно 707 платни налози за сторени прекршоци по основ на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, извести МВР.
„Така, во рамки на оваа бројка, а по основ на преовладувачките прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот – неправилно паркирање и пречекорување на брзината на движење, беа регистрирани 225, односно 218 прекршоци. Покрај ова, без возачка дозвола регистрирани беа 59 возачи, потоа 26 учесници во сообраќајот беа санкционирани за неносење сигурносен појас.
Седум возачи на мотоцикл биле санкционирани за неносење на заштитна кацига, а изречени биле 15 мерки за користење на мобилен телефон при возење, 12 санкции за возење под дејство на алкохол.
По основ пак на Законот за возила 17 возила биле отстранети од сообраќај и тоа три заради техничка неисправност а 14 возила биле отстранети од сообраќај затоа што биле нерегистрирани“, соопшти МВР.
Македонија
Непростливи се институционалните пропусти за „Тораница“, одговорност веднаш: „Зелен хуман град“ повикува на протест

„Зелен хуман град“ (ЗХГ) најавува мирен протестен марш во 12.30 часот в сабота (12 април), што, според најавите, почнува пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето токсични материи предизвикано од рудникот ‘Тораница’ туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто ‘очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има’“.
Во целата оваа трагедија, како што велат, единствено очигледно е дека има непростливи институционални пропусти и ги интересира кој од службените лица ќе одговара за нив.
„Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си екоактивист или сеедно ти е, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зашто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нè убијат сите.
Групите што се членки на „Зелен хуман град“ речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи, без оглед кој е на власт.
Се обраќаат, како што навестуваат во соопштението, до сограѓаните, кои се членови на партиите на власт. Порачуваат дека партијата нема да ги спаси од болести.
„Партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не дозволувајте им на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија за кој се сомневате дека сака да го прикрие труењето од ‘Тораница’! Од Крива Река и од Тораничка Река се наводнуваат посеви, се напојува добиток! Сите сме загрозени! Излезете на улица, не сте ничии робови, раководните лица во партијата не ви се господари! Борете се принципиелно за сопственото право на здравје, за сопственото право на живот! Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и за животната средина“, порачуваат од „Зелен хуман град“.
Нагласуваат дека доколку институциите сакаат да ги блокираат на социјалните медиуми, ќе им дојдат на врата за да ги чујат!
Според нив, институциите треба да се потсетат зошто постојат, кој ги плаќа и кому треба да му служат.