Македонија
Груевски: Македонија e меѓу првите земји која користи средства од Кина
Македонија е меѓу првите земји кои користат средства од фондот до 10 милијарди долари за инфраструктурни проекти во централна и источна Европа, истакна премиерот Никола Груевски на третиот самит на шефови на влади на Кина и на 16-те земји од централна и источна Европа (CEEC) кој започна вторникот попладне во српската престолнина Белград во чии рамки се одржува и четврти економско-трговски форум на CEEC.
Груевски во своето излагање нагласи дека во Македонија во моментот се реализираат три автопатски делници и се работи на железничкото поврзување со Бугарија. Два од автопатите се реализираат со заем од Кина, во износ од повеќе од 600 милиони евра.
Македонскиот премиер, притоа, истакна дека земјата во 2014 година бележи значаен економски напредок додавајќи дека постојаните реформи и напори за подобрување на бизнис климата не остануваат не забележани од меѓународните финансиски институции, како што е, на пример, Светска банка.
„Наша стратегиска определба е да ги подобруваме условите за бизнис и реализација на големи инфраструктурни проекти. Секогаш се прилагодуваме на новите трговски услови на полето на економијата за да ја реализираме целта, полноправно членство во Европската унија, но сакаме да имаме и соработка со сите прогресивни земји во светот“, рече Груевски.
Според македонскиот премиер, заедничко и за европските народи и за кинескиот народ е тенденцијата да имаат заедничка соработка во насока на подобрување на вкупните услови за живот. Груевски нагласи дека од самитот во Белград очекува да ги согледа новите намери на Кина за инвестиции во регионот.
„Горд сум што на Србија ѝ е доверена улогата на домаќин на самитот, кој ги собира на едно место земјите од Европа како незаобиколен механизам за соработка во регионот, а неговото глобално значење произлегува од тоа што Кине е покровител на оваа средба“, оцени претходно домаќинот на самитот, српскиот премиер Александар Вучиќ на отворањето на самитот.
Додаде дека белградскиот состанок на делегациите во текот на самитот на СЕЕС ќе придонесе за „преплетување на регионалното и глобалното, разбирањето меѓу Истокот и Западот и испреплетувањето на заедничките интереси“.
Меѓу другото, Вучиќ изјави дека е договорена изградбата на железничката линија од Будимпешта до Белград, којашто подоцна треба да биде продолжена и до Македонија и Грција, за што оцени дека се „одлични вести“ за Србија.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг порача дека неговата земја сака со својата технологија и знаење да им помогне на земјите од централна и од источна Европа, во прв ред придонесувајќи во отворањето на нови работни места и унапредување на инфраструктурата.
„Голем предизвик за сите земји денес претставува отворањето на нови работни места, економското престројување, сигурноста и стабилноста. Мирот е насоката по којашто треба да се оди натаму, а Кина се залага за стратегија на отвореност кон стабилноста на сите региони, за да одговориме на заедничките тежнеења на луѓето во тие региони“, изјави кинескиот челник.
На отворањето на самитот му претходеше почетокот на еконосмски-трговскиот форум на СЕЕС на кој учесниците во четири панели ќе разговараат за економската соработка и за проектите во централна и источна Европа, како и регионот за кој Кина има наменето10 милијарди долари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

