Македонија
Министерство за здравство: Се очекува зголемување на бројот на заболени од грип
Во текот на овој и следниот месец се очекува да расте бројот на заболени од грип, соопшти Министерството за здравство. Од таму апелираат до граѓаните да не земаат лекови на своја рака и да се обратат кај лекар ако почувствуваат симптоми на грип.
„Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, составена од стручни лица од надлежните здравствени установи, будно ја следат состојбата со грип во државата. Напоменуваме дека капацитетите на здравствените установи се доволни и за евентуален пораст на бројот на заболени од грип, што е очекувано за овој период од годината. Имајќи ги предвид искуствата од претходните години, очекуван е тренд на пораст, посебно во тек на февруари и март, кога ова заболување вообичаено е присутно со повисок интензитет“, велат од Министерството.
Во врска со снабденоста со лекови, информираат дека има доволно количини од лекот „тамифлу“, како и доволен број средства за дезинфекција и заштитна лична опрема.
„Потсетуваме дека при првите симптоми на грип, потребно е граѓаните да се консултираат со стручните лица и да не користат лекарства на своја рака“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Остануваат уште 9 дена изборна кампања: партиските агенди и денеска набиени
Уште 9 дена изборна кампања. И денеска лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ќе ги презентираат своите изборни програми.
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска Давкова, исто така, ќе има средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид.
Во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.
Македонија
Основците и средношколците од утре на пролетен распуст
Од утре до 6 мај, учениците од основните и средните училишта ќе бидат на пролетен распуст.
Пролетниот распуст е воведен првпат во оваа учебна година, па затоа има промена и во календарот за настава.
Па така, учебната 2023/2024 година за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.
Ден претходно, односно на 7 мај, вторник, во училиштата каде што ќе се организира гласањето, ќе имаат скратени часови и работно време до 11 часот.
Неработните денови поради изборите ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Учениците во Скопје треба да надоместат и за пропуштената наставата на 30 ноември лани кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, Министерството за образование и наука ги задолжи директорите на училиштата.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.