Македонија
Македонски планинари се искачија на Аконкагва
Двајцата македонски планинари, Александар Кирковски и Димитар Тодоровски, вчера успешно го искачија највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва 6962 метри надморска височина. Аконкагва се наоѓа на Андите во Аргентина, близу границата со Чиле, а освен на континентот претставува воопшто највисок врв надвор од Азија.

„Искачувањето го реализиравме со почеток од вториот висински камп, времето беше стабилно со ветар од 40 километри на час и температура околу -25 степени Целзиусови. Истиот ден се спуштивме до базниот камп на 4300 метри надморска височина и се чувствуваме одлично“, велат планинарите.

За Александар ова искачување е дел од подготовките за брзинско искачување на Аконкагва што треба да се случи во некој од наредните денови, а неговата цел е под 12 часа од подножјето до врвот и назад. Димитар со 23 години е веројатно најмладиот Македонец што го искачил овој врв. Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Претходно оваа сезона врвот Аконкагва (6962 метри надморска височина) успешно го искачи Сашко Кедев, а уште тројца планинари од Македонија во моментот се на експедиција на планината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

