Македонија
Објавени условите за добивање субвенции за инвертери
Град Скопје како една од мерките против загадувањето на воздухот набргу ќе распише јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери и други современи уреди за затоплување. На јавниот повик ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, граѓаните ќе може да аплицираат на јавниот повик од март, а исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори.
Сите граѓани на Скопје кои имаат фискални сметки за купување инвертер во 2019 година и кои ги исполнуваат посебните услови за учество на јавниот повик од 1.3.2019 година ќе имаат можност да аплицираат за субвенции на инвертери. Субвенционирањето на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година ќе се финансира од буџетот на Град Скопје за 2019 година. Висината на субвенцијата ќе биде во износ од 50 отсто од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.
За надоместување на дел од трошоците, барателот треба да ги исполнува следниве критериуми:
I. Право на учество:
Право на субвенционирање дел од средствата за купување инвертери во 2019 година имаат физички лица жители на град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) и кои ги исполнуваат следниве услови:
- да има живеалиште на подрачјето на град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај Центар, Чаир и Шуто Оризари),
- инвертерот да го купил во 2019 година сè до завршување на јавниот повик, односно исцрпување на средствата од буџетот на Град Скопје за субвенционирање за купување инвертери,
- да нема искористено субвенции од кој било извор во Република Македонија за затоплување на своето домаќинство (станбен објект),
- до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут,
- станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее,
- да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи,
- да има платено данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, заклучно со 2018 година.
(1) Само едно лице од домаќинство може да поднесе едно барање за добивање надоместок исклучиво за набавка на еден уред.
II. Услови за учество:
При разгледување на барањата за субвенционирање предвид ќе бидат земени оние во кои подносителот ги исполнил следниве услови:
- доставил пополнет образец за јавниот повик за доделување субвенции за набавка на посовремен уред за затоплување,
- доставил доказ дека е жител на град Скопје, што се докажува со фотокопија на личната карта,
- доставил доказ во оригинал дека е извршено купување во 2019 година и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршена уплата,
- доставил фотографија од печката на дрва, јаглен, нафта или мазут што ја користел,
- доставил фотокопија од трансакциска сметка и
- доставил потврда за платен данок на имот за станбениот објект заклучно со 2018 година.
III. Објавување на јавниот повик
Јавниот повик ќе биде објавен на 1.3.2019 година, а ќе трае до 30.11.2019 година, односно до исцрпување на средствата за оваа намена.
Купувачот на уредот за затоплување барањето за надоместување на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, на адреса булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје (барака 16), секој работен ден од 8.30 до 15 часот.
Јавниот повик ќе се реализира по принципот прв дојден, прв услужен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жерновски со претставка до Судскиот совет за изјавите на Митева за незавршена судска постапка
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, поднесува претставка до Судскиот совет поради изнесните информации од страна на портпаролката на Владата на Мицкоски, Марија Митева, во кои таа јавно соопштува исход од судска постапка која сè уште е во тек, информираат од СДСМ.
„Признавањето како истата поседува информации дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е крајно сериозно и скандалозно, бидејќи второстепена одлука (од Виш управен суд) сѐ уште не е донесена. Понатаму, преку соопштение, во нов обид да манипулира со јавноста, повторно изнесе податоци поврзани со исходот од сѐ уште незавршената судска постапка, со што направи долнителен прекршок“, вели во својата објава на социјалните мрежи, Жерновски.
Притоа, Жерновски нагласува дека уште поскандалозeн е фактот дека конкретната судска постапка воопшто и не се води против Владата, туку против Претседателот на државата.
„Прашањето е едноставно, како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка? Како истата располага со информации дека воопшто е донесена првостепена одлука, дека има жалба и дека истата е неоснована, во услови кога воопшто не е донесена второстепена одлука? Ова не се „гласини кои кружат во јавноста“. Тоа може да биде единствено информација добиена директно од самиот суд“, вели Жерновски.
Тој додаде дека на овој начин се потврдува влијанието и недозволивото мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на владеење на правото и поделба на власта.
Поради сериозноста на ситуацијата, поднесувам претставка до Судскиот совет. Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има“, посочи Жерновски.
Македонија
Андоновски на средба со амбасадорката на САД, Варнс: Потврдена соработката со САД во делот на сајбер-заштитата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со Никол Варнс, вршителка на должноста амбасадорка на Соединетите Американски Држави, на која беше потврдена силната стратешка соработка меѓу двете земји.
Андоновски изрази благодарност до амбасадорката Варнс за континуираната поддршка од САД во процесите на модернизација на институциите и јакнење на сајбер-безбедноста.
Тој истакна дека стратешкиот дијалог претставува основа за унапредување на економската, трговската и стратешката соработка меѓу двете држави, при што сајбер-безбедноста и дигитализацијата се меѓу клучните столбови на овој дијалог.
“Министерството за дигитална трансформација продолжува да гради партнерства и да работи на зајакнување на националните капацитети за сајбер-заштита, преку соработка со меѓународни партнери и размена на добри практики“.
Македонија
Почна изградбата на водовод и атмосферска канализација во Ласкарце – инвестиција од 85 милиони денари
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на водоводната мрежа и атмосферската канализација за жителите на селото Ласкарце во општина Сарај.
„Правиме пресврт во начинот на кој ја третираме состојбата на терен. Целта е трајно да ги решиме инфраструктурните проблеми“, изјави Хоџа.
Инвестицијата во Ласкарце за изградба на водоводната мрежа и атмосферската канализација изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, и претставува дел од поширок пакет проекти со кои систематски се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните во општина Сарај.
Наскоро ќе започне и уредувањето на Сува Река, со што ќе се обезбеди трајно решение за намалување на ризикот од поплави во населените места на оваа општина.

