Македонија
Комисијата за заразни болести со нови препораки за справување со епидемијата на морбили
На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство донесени се нови дополнителни мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили.
„Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од утре треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП-вакцината. Родителите, пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП- вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца кои живеат во Македонија. Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација.
Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили или имаат висока температура или, паК, веќе имаат осип на кожата прво да се јават на преглед во пунктови во здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби”, се вели во препораките.
За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19:30 часот до 7:30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.
Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. ,,Апелираме до сите родители кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови”, се вели во соопштението.
На средбата е констатирано дека вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење. Комисијата укажа дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП-вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања. Сите преТходни мерки кои ги донесе Комисијата сѐ уште се на сила.
Тоа значи дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи.
„Потсетуваме, морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат. Едно лице со морбили (мали сипаници) може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани. Досега се вакцинирани 6.276 деца само во Скопје, а пред прогласувањето на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП-вакцина. Родителите треба многу сериозно да ги сфатат насоките и од Комисијата за заразни болести и да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство.
Потсетуваме дека покрај вакцинацијата, не постои друг лек во светски рамки кој е познат на медицината базирана на докази. Со апстиненција од вакцинација, родителите го доведуваат своето дете во огромен ризик. МРП-вакцината е со одличен квалитет, од европски производител, има добар рок на траење и поседува два сертификати за квалитет. Апел до родителите да ги вакцинираат децата, само така ќе ја спречиме епидемијата и ќе заштитиме некое друго дете од зараза и смрт поради компликации од морбилите”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.

