Македонија
Костовски: Грујевски бараше да ги уништиме дисковите од системите за следење на комуникациите

На денешното судење за предметот на СЈО – „Таргет-Тврдина“ сведочеше вториот сведок на Обвинителството, Звонко Костовски, инженерот во УБК, кој ги извади прислушуваните материјали од МВР.
Тој рече дека надвор од судските наредби биле ставани за следење броеви групирани во таргетие по професии: новинари, политичари, бизнимсмени… Костовски рече: „На маркирачот на телефонските броеви му се дава ливче со број, псведоним и име на таргетот за следење“. Сведокот рече дека по барање на ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, наместо во корисничките имиња да стојат дел од иницијалите на репродуцирачите на материјалите, во системот „Најс“, кој го наследил стариот систем „Вернит“, стоеле имиња што никако не се поврзани со лицата што ги обработувале материјалите.
Кога бил преминот од стариот на новиот систем за следење на комуникациите, Горан Грујевски му наредил на Костовски да ги извади старите дискови од системот за следење на комуникациите и да ги уништи. „Извади ги дисковите и донеси ми ги да ги уништиме. Кажи му на човекот што е во контролата на снимање да ги исклучи камерите…“, му рекол Грујевски на Костовски. Тој рече дека со тоа не се согласил и побарал да биде формирана комисија.
Прв во постапката сведочеше Ѓорѓи Лазаревски. Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Обвинети се и вработените во УБК: Надица Николиќ, Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоновска.
Според обвинението на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броја. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вреди: Пописот беше дело на ДУИ, Албанците беа оставени како странци во сопствената земја

Вреди остро ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека создава неправди врз Албанците, а потоа вината ја префрла врз други.
„ДУИ се преправа дека е загрижена за правичната застапеност на Албанците, но вистината е горчлива: тие ја создадоа неправдата што денес ја осудуваат“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму потсетуваат дека Законот за попис бил изготвен и предложен токму од министрите и пратениците на ДУИ, меѓу кои Бујар Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и Арбер Адеми. Тие додаваат дека во законот биле внесени одредби кои, според нив, ги третираат Албанците од дијаспората како странци во сопствената земја.
„Резултатот не е статистичка грешка, туку намерно намалување на бројот на Албанците и напад врз правичната застапеност. Тоа е историска неправда и едно од најголемите предавства на албанската кауза“, наведуваат од Вреди, додавајќи дека додека раководството на ДУИ се занимавало со бизнис интереси, Албанците доживеале неправда од државата.
Во соопштението се истакнува дека Вреди ќе биде коректор на „свесните грешки на ДУИ“ и дека нема да дозволи повторно фалсификување на бројките и достоинството на Албанците.
„Нема амнестија за политичка вина. Времето на измама заврши, сега е времето на албанскиот граѓанин“, порачаа од Вреди.
Македонија
На Табановце се чека до 15 минути за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот е зголемен, особено надвор од градските средини, поради летните одмори.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува околу 10 до 15 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјата.
Во меѓувреме, поради пожар во Националниот парк „Јасен“, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Попладне дожд и грмежи во западните делови

Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладневните часови носат локален пороен дожд и ретки грмежи, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 25 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали. Северниот ветер ќе дува умерено, а повремено и засилено. Температурата ќе се движи од утрински 17 до максимални 31 степен.
Според прогнозите, во недела ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието ќе биде засилен, што ќе предизвика намалување на дневните температури. Од почетокот на следната недела пак, се очекува стабилизирање на временските услови и благ пораст на дневните температури.