Македонија
(Видео) Пародија на УМС: Дали кучето Џеки Стојчевски е примено во граничната полиција?
Унијата на млади сили при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп преку пародија ги исмеа партиските вработувања и непотизмот во власта.
„Македонската јавност вчера сведочеше за непотизам од огромни размери, какви што не се паметат во нашата држава. По изнесените информации во медиумите за наводно вработување на синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, на интернет-порталите излезе информација за наводно вработување и на нејзиното куче.
За задоволство на целата јавност, денес тука до нас успеавме да го донесеме Џеки Стојчевски, кучето за кое вчера наголемо се пишуваше во интернет-просторот. Како што може да забележите, станува збор за ултрапаметно куче, добро нахрането од дебели патни трошоци, спремно да го даде својот придонес во општеството.
Прашуваме дали кучето Џеки како единствен подобен кандидат пријавен на огласот преку Агенцијата за вработување, кое ги има примено сите вакцини, куче што има покажано одлична физичка спремност, дисциплина и кое успешно ги реши сите тестови со највиско бодирање е примено во граничната полиција? Или, пак, за него е најдена работа во некоја друга државна институција?
Очигледно, покрај децата на функционерите од редовите на СДС, кои ги преплавија институциите, и нивните миленици заслужуваат чесно да си го заработат своето парче леб! Тезгаџиите, пензионерите, занаетчиите и сите други, ќе мора малку да го почекаат доаѓањето на животот што го ветуваа во изборната кампања“, порачаа од подмладокот на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанкулоска: Судот во Стразбур отвора сериозни прашања за судењето и пресудата против мене
Европскиот суд за човекови права денес објави дека отвара сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против мене, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата, објави ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Според неа, овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку, како што вели, и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада.
„Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претепев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција“, објави Јанкулоска.
Таа вели дека со оваа одлука на судот во Стразбур, можеби конечно судиите ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси.
„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните прав. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, вели Јанкулоска.
Јанкулоска беше осудена на четири години затвор за предметот „Тенк“, што го отвори тогашното специјално јавно обвинителство. Судот ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања. Според обвинението, таа му помогнала на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба за кога нема да биде пред новинарите и граѓаните.
Ексминистерката беше ослободена од затвор во ноември 2023 година, една година пред истекот на затворската казна.
Јанкуловска беше 9 години министерка за внатрешни работи во владата на Груевски, од 2006 до 2015 во мај кога си даде оставка поради вооружените напади во кумановската населба Диво Насеље.
Македонија
Две недели по мега-скандалот со ИПАРД средствата, министерот Трипуновски бега од одговорност, велат од СДСМ
Две недели по обелоденувањето на мега-скандалот со ИПАРД средствата, министерот Трипуновски бега од одговорност и од вистината за суспензијата на над 130 милиони евра европски пари, велат од СДСМ.
„Дополнително, наместо конкретни одговори, тој на официјално барање од собраниско тело испраќа документ без содржина, без причина за суспензијата, без рокови, без план како да се надмине кризата. Едно големо ништо. Тоа е срам, тоа е навреда за 3.000 потенцијални нови бизниси, за 10.000 работни места кои сега се блокирани, и за сите земјоделци кои со години вложуваат труд, кредити и лични пари за да ги реализираат своите инвестиции. Прашањето е зошто владата го штити Трипуновски за мега скандалот со ИПАРД средствата“, прашуваат од опозицијата.
Наместо да се обидува да го минимизира скандалот, велат од СДСМ, владата треба да го повика Трипуновски на одговорност.
„Министер кој јавно тврди дека не чувствува одговорност за скандал тежок 130 милиони евра од сопствениот ресор не смее да остане на функција. Министер кој ја крие вистината од земјоделците и кој го загрозува нивниот опстанок нема кредибилитет да го води земјоделството“, сметаат од СДСМ.
Македонија
„Кацарска со двојни стандарди, за себе и судиите полни џебови и привилегии, за пензионерите бара укинување на зголемувањето на пензиите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Добрила Кацарска беше наградена во уставен судија поради понизноста и послушноста кон СДС. Кацарска како послушничка и извршителка на Заев, беше наградена за предметот за 27 април, каде предметот го обликуваа во обвинителен акт и за истиот пресуди драконски затворски казни од над 200 години во нехумана и нефер судска постапка, изживувајќи се врз луѓето со рочишта кои траеле и по 12 часа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кацарска е дел од оние во правосудството, кои на очиглед на целата јавност правеа бројни прекршувања на постапките, процедурите и законите, и се причина за доверба од 2 проценти во правосудството.
СДС молчи додека нивната маша во Уставниот суд, Кацарска, бара зголемување на нејзината плата од околу 100 илјади денари, а укинување на пензиите од 7000 денари.
Кацарска има двојни мерила и стандарди, за себе и судиите бара повисока плата и привилегии, а за пензионерите укинување на покачувањето на пензиите.
Токму поради тоа, неопходни се реформи во правосудството, за да се обезбеди поефикасен и праведен систем неопходно е да се врати довербата на граѓаните во институциите.
Граѓаните заслужуваат транспарентно, независно и ефикасно правосудство ослободено од партиските стеги и било какви партиски интервенции.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на сите граѓани за раст на пензиите, платите и подобар животен стандард на сите граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

