Македонија
Aвтопатот Тетово-Скопје е пуштен за сообраќај
Aвтопатот Тетово-Скопје е пуштен за сообраќај, но сè уште е затворен за сообраќај стариот пат Скопје-Тетово, информираат од АМСМ. Сообраќајот беше во прекин поради увид по синоќешната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 14 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ се консолидира како силна опозиција, ќе се спротивставиме на сите погрешни политики
СДСМ забрзано се консолидира после последните избори, имаме предизвици, но немаме дилеми за правецот во кој што се движи партијата, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција. Во своето обраќање, Филипче посочи дека СДСМ ќе биде конструктивна опозиција и ќе ги поддржи политиките кои се во интерес на граѓаните.
„СДСМ е единствената кредибилна и силна опозиција на актуелната власт. СДСМ имаше грешки во минатото. Ние сме свесни за нив, отворено зборуваме за нив и се трудиме да учиме од нив. Но, СДСМ никогаш не направи грешка во однос на стратешките интереси на оваа држава како што е тоа случај со актуелната власт. СДСМ е подготвенa директно да се соочи со изневерените очекувања, изговорите и разочарувањата од власта после првите 100 дена од нивното владеење. СДСМ директно и без калкулации и со сите демократски методи кои ни се на располагање ќе се спротивстави на сите погрешни политики“, рече Филипче.
Тој нагласи дека за СДСМ политиките за евроинтеграација, повисоки плати, пензии, социјална заштита и добрите меѓуетнички одоси остануваат столб на дејствување на партијата.
„Нема да дозволиме Мицкоски да ја претвори Македонија од држава во првата лига на држави кои напредуваат кон ЕУ во тажна и изолирана периферија на Европа. Нема да дозволиме системот на постојан раст на минималната плата, на просечната плата и на пензиите да се претвори во политика на продуцирање на нова сиромаштија, нов бран на иселување и на евтина работна сила. Нема да дозволиме она што го направивме како систем за раст на платите и пензиите да се претвори во политичка алатка на Мицкоски за уценување на работниците и пензионерите“, рече Филипче, и додаде дека СДСМ се залага за Македонија како држава на слободни граѓани, со пријатели во регионот, во Европа и во светот, држава во која ќе се врати довербата во подобра иднина.
Македонија
Меџити на почетокот на новата академска година: Со гордост објавуваме дека Владата обезбеди 35 милиони евра за универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска учествуваше на почетокот на новата академска година на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Меџити рече дека со гордост објавува дека Владата обезбеди 35 милиони евра за изградба на универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“.
„Ова е инвестиција за вас, за помладите генерации, да се подготвите да бидете конкурентни не само во Европа, туку и пошироко. Не градиме само згради, туку ги поставуваме темелите на посветла иднина на нашата младина. Како некој што доживеал периоди кога нашите јазични и идентитетски права беа ускратени, се чувствувам горд што денес живееме во општество каде што тие се загарантирани. Да кажеме јасно: времето на шовинизмот заврши. Никогаш нема да дозволиме да се прекрши ниту едно од правата што ги стекнавме, рече Меџити и додаде: “Со овој дух на храброст и знаење, ве повикувам да се осмелите да размислувате, да се осмелите да учите”.
Меџити потенцираше дека знаењето е нашата најголема сила и дека треба да изградиме побезбедна и посветла иднина.
Македонија
Во 100 дена Мицкоски изврши брутална партизација на институциите, вели Филипче
Партиската книшка и лојалноста кон партијата беа предуслов за вработување во изминативе 100 дена од владината Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција, упати силна критика за владеењето на Христијан Мицкоски во првите 100 дена.
„Со право некои велат дека ова се најлошите 100 дена на било која Влада. Наспроти ветувањата за мала, професионална државна администрација, добивме Влада со четири нови министерства и можност за стотици нови партиски вработувања. ВМРО-ДПМНЕ измисли нови позиции за добро платени национални координатори и вдомување на партиските кадри. За прв пат се воведоа три нови заменици директори во Царина за да се задоволат партиските апетити на Максим Димитриевски и ВЛЕН“, рече Филипче.
Наместо департизирана, професионална и високо обучена администрација, во изминативе 100 дена добивме брутална партизација на институциите, без критериуми, без стручност, професионалност и соодветно образование, додаде тој
„Ваква брутална партизација на главните органи на државата е најава за само едно, а тоа е огромен криминал преку овие институции! За 100 дена Влада дознавме дека Мерит системот на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ всушност бил систем за партиски заслуги“, истакна Филипче.