Свет
Британски „Скај њуз“ идентификува трет осомничен во случајот „Скрипал“

Британскиот телевизиски канал „Скај њуз“ идентификува трет осомничен за минатогодишното труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, пренесува РТ.
Каналот, повикувајќи се на групата „Белингкет“, објави дека третиот осомничен е висок руски офицер на воената разузнавачка служба, Денис Сергеев, од руската разузнавачка служба ГРУ, кој го користи алијасот Сергеј Федотов.
„Белингкет“ тврди дека Сергеев бил во Велика Британија под алијас Сергеј Федотов за време на труењето во Солсбери – плус во предвечерието на гласањето за брегзитот.
Федотов исто така патувал во една пригода со Александар Петров, лице претходно обвинето од британската влада за обид за убиство на Скрипал со воен отров. „Белингкет“ претходно објави дека Петров е алијас на Александар Мишкин, лекар што работи за ГРУ.
Скотланд јард одби да ги коментира новите информации.
„Скај њуз“ исто така објави дека третиот осомничен, наводно, го напуштил Обединетото Кралство на 4 март 2018 година, денот кога Скрипал бил отруен, и се упатил кон Москва преку Рим. Сепак, „Дејли телеграф“ претходно посочи, наведувајќи сопствени извори, дека осомничениот е можеби сѐ уште на територијата на Обединетото Кралство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ученик пукаше во средно училиште во Колорадо – двајца тинејџери повредени, напаѓачот почина

Ученик отвори оган во средно училиштево предградие на Денвер, Колорадо, при што бea повредени двајца тинејџери, а потоа напаѓачот го насочил оружјето кон себе. Подоцна властите потврдија дека починал.
Истрелите биле испукани и во внатрешноста и надвор од училиштето. Полицијата пристигнала на местото во рок од пет минути и го пронашла напаѓачот, соопшти портпаролката на шерифската канцеларија на округот Џеферсон, Џеки Кели. Таа истакна дека ниту еден полицаец не отворил оган.
Повеќе од 100 припадници на безбедносните сили од околината биле испратени да помогнат.
Повредените ученици биле пренесени во болница и првично биле во критична состојба. До вечерта, еден од нив бил стабилизиран.
Средното училиште „Евергрин“ брои повеќе од 900 ученици.
Округот Џеферсон е местото каде во 1999 година во пукањето во училиштето „Колумбајн“ беа убиени 14 лица.
Свет
Белорусија ја предупредила Полска за беспилотни летала во нејзин правец

Началникот на Генералштабот на полските вооружени сили, генерал Вислав Кукула, потврди дека Полска добила информации од Белорусија за беспилотни летала кои се движеле во нејзин правец, пренесува ТВN24.
Кукула ја потврди изјавата на Белорусија дека испратила предупредување до Полска во врска со леталата.
„Белорусите нè известија дека беспилотни летала го прелетуваат нивниот воздушен простор кон Полска“, изјави тој.
На прашањето за моментот на предупредувањето, рече дека тоа му било корисно, додавајќи дека е изненаден што Белорусија, и покрај напнатите односи на копнената граница, се одлучила за соработка од ваков вид.
Во меѓувреме, Полската армија соопшти дека соборила беспилотни летала кои го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина.
„Распоредено е оружје, а службите работат на лоцирање на соборените објекти. Се работи за сериозно нарушување на воздушниот простор“, соопшти Полската оперативна команда.
Премиерот Доналд Туск изјави дека најмалку 19 беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор. Досега се пронајдени остатоци од 15 беспилотни летала и ракети со неидентификувано потекло.
Свет
(Видео) Расправија за време на минутата молк за Кирк во Претставничкиот дом

За време на минутата молк за Чарли Кирк во американскиот Претставнички дом избувна жестока расправија.
„Ве молам, станете за момент молитва за Чарли Кирк и неговото семејство“, ги повика присутните претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.
Додека пратениците стоеја во тишина во речиси целосно исполнетата сала на Претставничкиот дом, за време на минутата молк за влијателниот десничарски активист што беше убиен на универзитетски настан во Јута, републиканската пратеничка од Колорадо, Лорен Боберт, побара гласна молитва.
„Тивки молитви даваат тивки резултати,“ рече Боберт и побара молитвата да се изговори „на глас.“
Според „Њујорк тајмс“, во тој момент демократските пратеници почнале да довикуваат обвинувања дека републиканците го игнорираат пукањето во училиште во Колорадо, кое исто така се случило истиот ден.
Во меѓувреме, пратеничката Ана Полина Луна, републиканка од Флорида, стана и почна да вика: „Сите вие сте виновни за ова.“
Претседателот Џонсон неколку пати се обидуваше да ги смири пратениците, удирајќи со чеканот и повикувајќи на ред. На крајот рече: „Ќе се приклучиме во молитва веднаш по ова, во ред?“