Македонија
„Дурмо турс“ сам на себе си вршел технички преглед – двете фирми со ист сопственик
Исправноста на автобусите на туристичката агенција „Дурмо турс“ се проверувала во фирмата „АМЗ Гостивар“, која има ист сопственик. МВР за „Макфакс“ потврди дека техничкиот преглед на автобусот што учествуваше во несреќата, при што загинаа 14 луѓе, е извршен во „Авто-мото Гостивар“.
Според информациите од Централниот регистар, Дурмиш Белули е сопственик и на „Дурмо турс“ и на станицата за технички преглед „АМЗ Гостивар“.
Дурмиш Белули не сакаше да даде изјава за „Макфакс“. Тој не одговори на телефонските повици, ниту на СМС-пораките во кои поставивме прашања поврзани со несреќата.
„АМЗ Гостивар“ освен што врши технички прегледи, извршува дејности како авто школа, а работи и со осигурувања, зелен картон, меѓународни возачки дозволи, поштенски услуги и регистрација на возила.
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, вели дека немаат ингеренции врз станиците за технички преглед.
„Во нашиот закон не е обработено дали еден газда може да има станица за технички преглед и истовремено да биде превозник. Кај нас во законот стои дека ние при контролите треба да утврдиме дали возилото е регистрирано и дали е извршен технички преглед. Такви документи при контролите утврдивме дека ‘Дурмо турс’ има. Станиците за технички преглед се обврска на Министерството за внатрешни работи“, изјави директорот Руфат Хусеини за „Макфакс“.
Екипа од Инспекторатот вчера излегла на местото на несреќата, но поради истрагата на Обвинителството, не правеле увид. Директорот Хусеини вели дека документот од извршениот технички преглед треба да стои во автобусот како дел од задолжителната документација.
И од Министерството за транспорт и врски велат дека немаат надлежност да утврдат дали е дозволено ист газда да има станица за технички преглед и да биде превозник. Велат дека нивната надлежност за „Дурмо турс“ е само административна.
„За оваа компанија во наша надлежност се само лиценците и дозволите. Бидејќи ги исполниле сите услови, на ‘Дурмо турс’ му се издадени четири лиценци, две за внатрешен и две за меѓународен превоз. Има две дозволи за внатрешен превоз. Едната за релацијата Гостивар-Скопје, каде што се случи несреќата, има важност до 3.7.2020 година, а втората дозвола, исто така за Гостивар-Скопје, е со важност до 18.2.2023 година. Двете лиценци за внатрешен превоз се со важност до август 2021 година, а до 2021 година им важат и лиценците за меѓународен превоз“, велат од Министерството за транспорт и врски. Таму немаа податок колку се стари 40-те автобуси на „Дурмо турс“, но нагласија дека само еден има мотор со Евро 2-стандард, а сите други имаат Евро 3-мотори.
Од Министерството известија дека „Дурмо турс“ има 18 линии за меѓународен превоз и 36 сертифицирани возачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Секој живот е приказна: Mozzart верна поддршка на кампањата за ретки болести
Февруари е месецот на ретките болести – месец во кој се потсетуваме дека секој живот е вреден и секоја приказна заслужува да биде слушната.
Годинава, кампањата „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се реализира по осми пат. И повторно, зад неа стои поддршката на компанијата Mozzart, која со својата општествена одговорност покажува дека добрината не е ретка – туку секогаш присутна кога е најпотребна.

Претседателката на Здружението, Гордана Лолеска истакна: Вистинското партнерство се мери со годините на лојалност и подготвеноста да се подаде рака таму каде што е најпотребно. Упатуваме огромна благодарност до компанијата Mozzart што препознаа вредност во нашата кауза и што продолжуваат да бидат нашиот ветар во грб. Заедно, го правиме светот малку подобро место за оние на кои поддршката им е најнеопходна. Ви благодариме што не ги заборавате ретките“.

Првиот Ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, на 29 февруари – ден кој сам по себе е редок. Од тогаш, секоја година на последниот ден од февруари светот се обединува во поддршка и солидарност.
„Трета година сме со Здружението “Ретко е да си редок” и со кампањата “Запознајте ги ретките болести”. Успешната соработка, со радост ја продолжуваме и оваа година. Заедно ќе придонесеме да се слушне гласот на лицата со ретки болести и да се запознаат нивните приказни,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.

Она што навистина не е ретко – се добрите дела. Mozzart, препознатлив како компанија со најголема општествена одговорност, повторно ја докажува својата мисија: да подава рака, да помага и да биде таму каде што поддршката е најпотребна.
ПР
Македонија
Eвроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за безбедноста на Европа, рече Давкова на средбата со претседателот на Естонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.
На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.
Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.
Македонија
Седум странци фатени при обид за илегален излез кај Богородица
Утрово околу 2 часот, во близина на Граничниот премин Богородица, полициски службеници привеле седум странски државјани кои се обиделе нелегално да ја напуштат Македонија.
Според информациите од МВР, станува збор за пет државјани на Пакистан и двајца од Индија. При извршените проверки било утврдено дека сите седум лица претходно влегле легално во државата преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Тие се приведени и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава против нив.

