Македонија
Почина уште еден повреден во несреќата кај Ласкарци, бројот на жртви се искачи на 15
Изутринава почина уште еден од повредените во тешката сообраќајна несреќа која што се случи на патот Скопје – Тетово, со што бројот на жртви се искачи на 15. Како што потврдуваат од Министерството за здравство, станува збор за 39-годишен маж којшто со тешки повреди беше задржан на лекување на КАРИЛ-Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување.Неофицијално станува збор за Ферди Касами, роден 1980 година.
,,На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје, утринава во 5 часот, почина уште еден од патниците кои настрадаа во сообраќајната незгода кај селото Ласкарци. Станува збор за петнаесетиот загинат, маж на возраст од 39 години во оваа голема несреќа. Патникот при несреќата се здобил со тешки повреди на градниот кош и белите дробови и веднаш пренесен во Болницата „8-ми Септември“. Но, поради сериозноста на повредите уште ноќта бил префрлен КАРИЛ.
Врз повредениот биле извршени две операции истата вечер откако бил донесен на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување поради големо крварење од белите дробови. За жал поради сериозноста на повредите, утринава починал”, се наведува во соопштението.
Директорот на КАРИЛ, Илир Хасани изјави дека вчера биле извршени две хируршки интервенции кај 20-годишната девојка која се здоби со тешки повреди на ногата во автобуската сообраќанка несреќа, но и покрај тоа нејзината состојба е критична.
Пред два дена кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо Tурс“. На лице место загинаа 14 патници, додека голем број беа спасени со помош на локалното население, кое што помогнало во нивното излекување. Тие се хоспитализирани на скопските клиники. Неколкумина од нив се уште се во критична состојба.
Анализата на примероците на крв и урина на возачот покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции.
Автобусот што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, по наредба на јавен обвинител ќе биде вештачен од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Се уште се утврдуваат причините за несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

