Економија
(Видео) Николовски на средба со земјоделците од струмичкиот регион

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Струмица, заедно со директорите на сите надлежни институции од секторот за земјоделство и со градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, одржаа работна средба со земјоделци од струмичкиот регион. На средбата се дискутираше за актуелната состојба во градинарството, при што земјоделците ги кажаа своите предлози за развој на оваа гранка, а од страна на министерот Николовски и тимот од МЗШВ беа презентирани мерките и новитети во Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за оваа 2019-та година.
„Во новата Програма за директни плаќања за градинарството го олеснуваме аплицирањето, односно воведуваме засадената површина што ја пријавуват градинарите да биде збирно за сите градинарски култури, а не како досега за секоја култура посебно. Ова значи дека земјоделците можат да аплицираат за субвенции со минимилна вкупна површина со 0.2 хектари, а не како досега за минимум 0.2 хектари по култура. На овој начин се очекува драстично намалување на земјоделците кои во претходните години се одбивани заради административни процедури и можни технички грешки при аплицирањето, а истовремено ќе се зголеми бројот на апликации за градинарство. Ова беше една од забелешките што ја имаа земјоделците на претходните средби што ги имавме, и сега како ресорно министерство излегуваме во пресрет“, изјави Николовски.
При тоа министерот посочи дека во делот на субвенциите и оваа година за 20 отсто повисоки субвенции ќе добијат земјоделците со развоен потенцијал. Паралелно МЗШВ работи на создавање на услови за развој на преработувачката индустрија како дел од синџирот за развој на градинарството и можност за обезбедување на сигурен пласман и решавање на вишоците на земјоделски градинарски производи. За таа цел во новата Програма за рурален развој за 10 пати е зголемена сумата за мерката Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи. Оваа мерка нуди предфинансирање на инвестициски проекти во висина од 100% од износот на предлог-проектите за инвестиции во преработувачки капацитети, ладилници и откупни центри за приоритетните земјоделски производи кои се соочуваат со проблеми во пласманот. Вкупната сума за оваа мерка изнесува 230 милиони денари.
Николовски потенцираше дека дополнително за развој на градинарството придонесуваат и мерките од ИПАРД 2 Програмата. Така, мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства” нуди од 65 до 70 отсто кофинансирање за инвестиции во изградба или реконструкција во оранжерии и/или расадници, изградба или реконструкција на објекти за преработка и продажба на земјоделски производи, ладилници капацитети за пакување. Заклучно со вчера за оваа мерка се поднесени рекордни 1.040 барања со вкупна побарана сума од 14 милиони евра. За мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, која нуди 50 отсто кофинансирање за инвестиции во преработувачки капацитети за зеленчук и во опрема, пристигнати се 65 барања со вкупно побарана сума од 15,9 милиони евра.
Инаку, податоците од Платежната агенција покажуваат пораст на исплатата на субвенции и пријавени површини за градинарството. За Програмата за 2016 се исплатени околу 440 милиони денари за вкупно пријавени 11.554 хектари за градинарски култури, а за мерките од Програмата 2017 -та се исплатени се исплатени близу 480 милиони денари за вкупно пријавени 12.320 хектари за градинарски култури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.