Регион
Почина и клавијатуристот кој патуваше со Шабан Шаулиќ

Мирсад Кериќ, музичар и клавијатурист, исто така почина по ужасната сообраќајна несреќа што се случи вчера во Германија, а во која животот го изгуби легендарниот пејач Шабан Шаулиќ.
Мирсад имаше повреди на мозокот, кои биле фатални за неговиот живот.
Оваа информација ја потврди Сабит Дервишевиќ, менаџер на Шабан Шаулиќ.
,,Пред неколку минути, од германската болница ми ја кажаа тажната вест дека умре Мирсо. Ние се надевавме на најдоброто, но, за жал, тој ја загуби борбата за живот”, рече Дервишевиќ.
Многу пријатели, колеги и фанови преку социјалните мрежи се збогуваат со клавијатуристот кој долго време го придружуваше Шабан.
Двајцата ги загубија животите во сообраќајна несреќа во Германија, кога пијан возач удрил во нивното возило. Несреќата се случила на автопат помеѓу Билефелд и Дортмунд. До сообраќајката дошло по концертот на Шаулиќ во Билефелд, а пејачот бил веднаш пренесен во болница, каде што, за жал, и покрај напорите на лекарите, им подлегнал на повредите.
Српскиот пејач на народна музика Шабан Шаулиќ, кој вчера го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија, ќе биде погребан во Алејата на заслужни граѓани во новите гробишта во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Кога историјата се препишува, жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека се гордее на фактот што Српска денес стои рамо до рамо со Русија во борбата против заборавот посочувајќи дека ревизионизмот не е само опасност за историјата туку и опасност за сегашноста и иднината бидејќи ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви.
Додик го изјави ова во колумна за бањалучкиот „Глас Српска“ по враќањето од Москва, каде што присуствуваше на парадата по повод Денот на победата над фашизмот, каде што, како што истакнува, Република Српска е препознаена како горд, достоинствен, цврст и искрен меѓународен актер.
„И таму, на Црвениот плоштад, стоев рамо до рамо со оние што знаат што значи да се бориш и да умреш за слобода“, изјави Додик истакнувајќи дека Република Српска е пречекана во Москва како пријател и дека се гордее што е под нејзиното име и што Република Српска има свое место меѓу оние што се бореле против фашизмот и кои денес стојат зад вистината.
„Советскиот Сојуз направи незамисливи жртви. Повеќе од 27 милиони луѓе загинаа за време на Втората светска војна. Да, 27 милиони. Тоа се повеќе жртви отколку Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција заедно. Тоа е бројка што сведочи за тоа колку Русите ја платија цената за слободата на светот. Гледајќи ја парадата, се сетив на тие жртви. Се сетив дека без нив можеби немаше ни да постои денешна Европа, можеби немаше ни да постои слободата што ја земаме здраво за готово денес“, рече Додик.
„Двајца од тројцата најголеми светски лидери – Владимир Путин и кинескиот претседател – покажаа дека се искрени пријатели на Република Српска. И во време кога светот минува низ големи промени, кои може да се споредат само со оние по победата над нацизмот, Република Српска има пријатели на силни места. Пријатели што знаат што значи да се бориш против хегемонијата, против препишувањето на историјата и вистината“, рече претседателот на Република Српска.
Ревизионизмот, истакнува тој, не е само опасност за историјата – тој е опасност за сегашноста и иднината.
„Затоа што ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви? Ако историјата се препишува, тогаш жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци. Затоа денес, со ова искуство од Москва, велам: Нема да заборавиме. Нема да дозволиме да ни ја одземат вистината за нашата борба против фашизмот. Нема да заборавиме 27 милиони Руси и стотици илјади Срби, кои ги дадоа своите животи за слобода“, изјави Додик.
Регион
Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Крит

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени го погоди островот Крит во Грција во средата, објави ЕМСЦ.
Според објавените информации, земјотресот бил на длабочина од 71 километар.
Земјотресот бил почувствуван и во соседна Турција.
Засега нема информации за жртви и материјална штета.
Регион
Парламентот во Бугарија одби воведување на еврото

Претседателката на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, велејќи дека тоа е спротивно на уставот, објави бугарската новинска агенција БТА.
Радев предложи одржување референдум за воведување на еврото следната година.
„Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута „евро“ во 2026 година?“ е прашањето што би се поставило.
Владата го критикуваше ова, а еден министер рече дека тоа е обид за саботирање на нејзините напори за воведување на еврото.
Враќајќи го предлогот, Киселова рече дека тој е неконзистентен со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд.
Бугарскиот Уставен суд претходно го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.
Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.