Црна хроника
Патник фатен со дрога во гаќите

Во текот на минатите две недели царинските службеници открија еден обид за криумчарење дрога и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани електрични алати, електрични велосипеди, автоделови, обувки, облека, опрема за скијање, цигари, патенти, конец за шиење и фалсификати.
Марихуана и амфетамин
Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за криумчарење марихуана и амфетамин. На ден 13.02.2019 година, околу 23 часот, за излез од државата се пријавил македонски автобус што сообраќал на редовна линија Струга – Салцбург, управуван од македонски државјанин. Царинските службеници селектирале за детална царинска контрола македонски државјанин кој патувал со автобусот, и додека го спроведувале до просторијата за преглед, забележале дека фрлил две кесички со непозната растителна материја. При извршениот личен претрес, во долната облека на патникот била пронајдена уште една кесичка со непозната растителна материја, а во џеб од неговата јакна била пронајдена фолија од цигари со непозната бела прашеста материја. Покрај тоа на подот, покрај неговите нозе била пронајдена уште една кесичка со непозната бела прашеста материја. По извршеното вештачење на пронајдените материи од страна на Министерството за внатрешни работи, било утврдено дека растителната материја претставува марихуана со вкупна маса од околу 51 грам, а прашестите материи претставуваат дијазепам со маса од 14 грама и амфетамин со маса од 0,25 грама.
Царинската управа против патникот поднесе кривична пријава поради сомневање дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Електрични алати, електрични велосипеди и обувки

sdr_vivid
29 електрични алати, 11 двогледи, 64 пара обувки и 2 електрични велосипеди, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автомобил и еден автобус, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, во 3 торби сместени во багажниот простор на македонски автобус што сообраќал на релација Дизелдорф – Дебар, биле пронајдени 29 електрични алати (дупчалки и штрафилки), 11 двогледи и 64 пара обувки (патики и работнички чевли). Непријавените производи се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, е поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај, во багажникот на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, биле пронајдени 2 електрични велосипеди марка PIAGGIO WI со опрема (полначи за батерија, дисплеи за велосипед, код-картички, клучеви, катадиоптери и ранци), кои биле прекриени со кутии со производи од ИКЕА. Велосипедите, за кои возачот изјавил дека се купени во Скопје и дека претходно ги изнел од Република Македонија, но не приложил документ како доказ, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
135 парчиња употребувани автоделови (ладилници за интеркулер, инструмент-табли, пумпи за гуми, вентилатори за систем за греење, ракети за волан, модули за палење, употребувани гуми и други) и еден употребуван моторцикл, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски камион натоварен со употребувани автоделови од испраќач од Германија, наменети за увозник од Скопје, пријавени за увозно царинење во царинската подружница Скопје 1. Производите што не биле опфатени со царинската декларација се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Облека и опрема за скијање
440 парчиња готови текстилни производи, 292 парчиња скијачка опрема, 7 велосипеди и 1 клима-уред, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица, во куфер сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот биле пронајдени 440 парчиња готови текстилни производи (фустани, чорапи и марами). Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Во вториот случај, при контрола на македонски камион, натоварен со употребувани производи од испраќач од Швајцарија, наменети за физичко лице од Струга, пријавени за увозно царинење во царинската подружница Струга, биле пронајдени 84 пара скии, 26 пара скијачки чизми, 16 скијачки кациги, 50 скијачки стапови, 6 штици за скијање, 7 велосипеди и 1 клима-уред инвертер, кои не биле опфатени со царинската декларација. Производите се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Цигари и производи за текстилна индустрија
5 штеки цигари ОМЕ и Davidoff Gold, без акцизни маркички, 886 патенти од 17 cm и 60 cm, и 900 макари со конец за шиење, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран.
Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, под совозачкото седиште и во преграда под потпирачот на задното седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
20 пара спортски обувки со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Производите, пронајдени во кеси сместени во багажникот на автобусот, се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа ќе почне постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Претходно осудувано лице: скопјанецот кој го усмрти пешакот со мотоцикл, немал возачка дозвола

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“.
Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.
Фактот, како што велат надлежните, дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода.
„Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.
На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“.
Топ
МНР со детали за несреќата во Србија: загинатиот Македонец има 39 години, тешко повреден е уште еден македонски државјанин

МНР соопшти дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград е доставена информација за сообраќајна незгода.
Според соопштението несреќата се случила во близина на Суботица, во која животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година.
„Во незгодата е повредено уште едно лице, исто така македонски државјанин, кое со тешки повреди е хоспитализирано на одделението за реанимација во клиничкиот центар.
Амбасадата е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел навремено завршување на сите неопходни административни постапки за транспорт на посмртните останки во Република Северна Македонија“, информира МНР.
Црна хроника
Откриени околу шест килограми амфетамин при претрес во Скопје, уапсени шест лица

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против шест лица, поради основано сомнение дека заеднички вршеле продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово заради целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.
Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)-психотропна супстанца, класифициранa во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.
При претресите на неколку локации беа пронајдени околу 6 килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за сите шест лица лишени од слобода, временски период неопходен за прибирање докази, анализа на обемниот доказен материјал и за завршување на вештачењата.