Македонија
МАН: Законот за медиумите постои за заштита на новинарите, а изнесувањето невистини е клевета

Законот за медиумите го штити новинарот во изнесување на своето мислење, а изнесувањето невистини е клевета, истакнува Македонската асоцијација на новинарите (МАН) преку соопштение по заканите што застапникот на менаџментот на телевизијата „1ТВ“, Бојан Јовановски, ги упати врз новинарката на „Макфакс“, Мери Јордановска.
„МАН го поздравува ставот на редакцијата на ‘Макфакс’ и Групацијата Клип медија кои
целосно застануваат зад својата новинарка Мери Јордановска и како и досега, и во иднина
ќе ѝ гарантираат слобода на изразување и мислење осудувајќи ги сите обиди за закани и
влијанија од страна. Воедно, МАН потсетува дека клевета е изнесувањето невистини, особено ако тие се јавно изнесени. Во случајот на Бојан Јовановски, тој вчера на социјалните мрежи напиша дека во тек се преговори за соработка меѓу ‘1ТВ’ и ‘Макфакс’, а за кои редакцијата на ‘Макфакс’ јавно се произнесе дека се невистинити“, се вели во соопштението на МАН.
Јовановски на социјалните мрежи директно ја прозва Јордановска поради нејзини критики за емисијата „Инсајдер“, која се емитуваше на оваа телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Рамковниот договор е важен документ за мирот, соживотот и градењето заедничка иднина

„Рамковниот договор е важен документ кој стави крај на конфликтот од 2001 година, воспостави мир и отвори поглавје на соживот во градењето заедничка иднина“, велат од СДСМ.
„Освен зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, суштината на Рамковниот договор е издигнувањето над поделбите, меѓусебно помирување и отворање на вратите за заеднички напредок и еднакви можности на сите граѓани.
Сите политички чинители во земјава треба своите напори да ги вложат во политики коишто ги сплотуваат граѓаните, да работат заеднички за едно современо, демократско и интегрирано општество за сите“, соопшти СДСМ.
Македонија
Алиу во Гостивар: Болницата е зајакната со кадар, нова опрема и реконструкција на неколку одделенија

Министерот за здравство, Азир Алиу ја продолжи иницијативата „Мобилен кабинет“ со денешната посета на Општа болница Гостивар, каде информираше дека во континуитет се вложува во кадар и инфраструктурни проекти.
– Ние како Министерство дефинитивно работиме да се постигнат стандардите во инфраструктурата на здравствените установи да бидат компатибилни со европските стандарди. Состојбата на терен покажува дека има недостиг од медицинска опрема, слаба инфраструктура и персонал. Тоа е последица на лошата политика која се водела во овој ресор. Здравството е таков систем кој мора да предвидува, а не само да креира политики. Предвидувањата треба да бидат на рок од над десет години. Неопходни се и навремени планирања на кадарот, со оглед дека за обука лекар супспецијалист потребни се минимум 15 години, рече во изјава за медиуми министерот Алиу.
Болницата е зајакната со 12 приватни специјализанти и двајца специјалисти по гинекологија, а годинава на специјализација се пратени уште осум доктори.
Исто така, се очекува вработување на 37 лица во сите дејности, кои ќе бидат реализирани по локалните избори. Доколку во периодот на предизборие кога не се дозволени вработувања во јавниот сектор, се појави потреба, посочи министерот Алиу, Министерството ќе вложи напори и ќе бара начин за да не остане некоја институција без лекар или медицинска сестра.
Во рамки на посетата на Гостивар, министерот одржа средби со повеќе граѓани кои беа пријавени преку платформата „Отворен кабинет“, достапна на веб страницата на Министерството за здравство. Граѓаните на средбите споделија искуства со здравствените услуги на примарно и секундарно ниво на здравствена заштита, како и конструктивни предлози за унапредување на организациските аспекти на системот, соопшти МЗ.
Македонија
(Видео) Повторно излезе од контрола пожарот во Јасен

Состојбата со пожарот во ловиштето Јасен е променлива, и во моментот не е воспоставена контрола, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Пожарот во ловиштето Јасен на едно место ни избегна од контрола иако цело утро истуравме тони и тони вода“, рече Ангелов.
Во прилог на видеото, директорот посочи дека повторно во еден дел може да се забележи силно разгорување, преку патот каде што преминал огнот.
Дополнителен проблем е и ветрот кој за сето време засилено дува.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно денес соопшти дека пожарот најверојатно, според сведочењата на очевидците, бил разгорен по удар од гром.