Македонија
Османи: Очекуваме извештај од Европската комисија за конфирмација на одлуката за преговори

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
На средбата беа отворени темите за напредокот на земјата во испорачување на предвидените реформи во насока на отпочнување на претпристапните преговори со Унијата. Османи реферираше пред еврокомесарот Хан за динамиката на спроведување на реформите предвидени во план 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Очекуваме уште подобар извештај за напредокот на земјата кој ќе го рефлектира реформскиот моментум во земјата, заедно со уште една препорака што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија“, истакна Османи на средбата.
Во иста насока Османи реферираше и за активностите во создавањето и обуката на преговарачката структура во земјата, вклучувајќи ги тука и успешните објаснувачки состаноци со Европската комисија, кои редовно се одржуваат според предвидената динамика.
Во текот на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи ќе се сретне и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, одржа брифинг со претставници на работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан/проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), а ќе учествува и на брифинг во влијателниот тинк-тенк Центар за европска политика (ЕРС) на тема „Северна Македонија на патот кон ЕУ: ‘Хоум ран’ во преговорите за пристапување?“. На маргините од посетата, Османи ќе учествува и на конференцијата на тема: „Безбедност во ЈИЕ – безбедност низ Европа” во организација на Фондацијата Ханс Сејдел (Hanns Seidel Foundation).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.
Македонија
Владата тврди: Почнува стабилизацијата на здравствениот систем

По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во, како што велат, еден од најзапоставените сектори од претходната власт – здравството.
„Почна процесот на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ оставила здравствен систем во колапс – болници со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.
„Во изминатиот месец, реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг неопходен кадар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу болниците што веќе го започнале процесот на вработување се Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Во Прилеп, на пример, според податоците, за една година долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари. Воедно, во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, меѓу кои 21 доктор, а се најавува и вработување специјализанти.
Во тетовската Клиничка болница, како што информираат, по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а за административниот дел ќе следи посебен оглас преку Агенцијата за администрација.
Во Битола, постапката е веќе започната за десет приватни специјализанти, додека во охридската болница, седум специјализанти (анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози) веќе се вклучени во работа.
„Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси се суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем. Не беше лесно, но темелите полека се поставуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.