Култура
Филмска ревија „Златна рамка“ со 25 нови македонски филма во кино „Фросина“
Дваесет и пет македонски филма реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм ќе бидат прикажани од 22 до 24 февруари во кино „Фросина“ на ревијата „Златна рамка“ која ја организира Друштвото на филмските работници на Македонија – ДФРМ. На ревијата под мото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани два долгометражни филма („Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски и „Враќање“ на Кастриот Абдили), седум документарни и 16 кратки филмови.
Проекциите се бесплатни, а проекциите почнуваат во 17 часот со документарни филмови. Кратките ќе бидат прикажувани од 19 часот во првите два дена и од 20 часот третиот ден, а двата долгометражни се од 21 часот – „Враќање“ на 22 февруари и „Година на мајмунот“ на 24 февруари.
Покрај филмови, во сите три дена од 11:30 часот ќе има и работна програма која в петок вклучува свеченото Собрание на ДФРМ, а Друштвото в сабота од 21 часот ќе додели и три почесни награди – за филмски автор, актер и за филмски работник.
В сабота од 11:30 во фојаето на „Фросина“ дескот на Медија – потпрограма на „Креативна Европа“ на ЕУ ќе организира презентација за начинот на аплицирање кај филмските фондови наменета за продуценти и филмски професионалци, а в недела во истиот термин и место ќе биде организирана тркалезна маса за филмската критика, насловена „Нема успешна кинематографија без филмска критика“. Тркалезната маса е отворена за сите оние кои сакаат да пишуваат филмски критики или во каква и да е друга пишана форма да дадат свое мислење за извесно филмско дело.
„Сметаме дека една кинематографија не може да биде комплетна ако нема силна филмска критика. Затоа сметаме дека треба да се создаде нов бран на филмски критичари кои за време на ‘Златна рамка’ ќе можат да ги погледнат филмовите од својата кинематографија и да напишат некоја критика, осврт или рецензија. На тркалезната маса ќе се зборува за важноста на критиката, особено за видувањата кон домашната кинематографија. Ги повикуваме сите оние што сакаат да присуствуваат да се пријават на нашата страница“, вели уметничкиот координатор на ревијата и организатор на тркалезната маса Ана Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

