Македонија
Половина милион евра исплатени лани за патни трошоци на пратениците
Над 525 илјади евра биле исплатени за патни трошоци на пратениците во Собранието минатата година, покажува анализата на „Макфакс“ од податоците до кои дојдовме користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Анализата покажува дека донесувањето на законските измени со кои беше намален надоместокот за користење личен автомобил за службени цели влијаело при намалувањето на патните трошоци, сепак на голем дел од пратениците сè уште им се исплатуваат по илјада евра месечно за да одат на работа до Собранието, а потоа да се вратат дома во градовите од внатрешноста.
„Макфакс“ веќе пишуваше за патните трошоци до мај минатата година, кога рекордер беше Бети Рабаџиевска од СДСМ, која живее во Ресен, со потрошени 11.700 евра, а веднаш зад неа Мира Стојчевска од СДСМ од Делчево со 10.396 евра и Алија Камбероски од партијата ПЕИ од Струга со 10.355 евра потрошени за патни трошоци.
Во вторите 6 месеци од годинава, односно од јуни до ноември, на врвот на листата повторно е Камбероски со 8.356 евра, потоа Рабаџиевска со 7.728 евра, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ од Битола со 7.680 и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од Берово со потрошени 7.121 евра.
На годишно ниво, сепак, рекордери се Рабаџиевска, Стојчевска и Камбероски.
Евидентно е дека во втората половина на годината трошоците се намалиле, по донесувањето на законските измени, но сепак, тука е и фактот што Собранието не работеше речиси три недели во август минатата година, а во тек беа и летните годишни одмори.
Во изминатите години имаше жестоки реакции дека пратениците кои потекнуваат од подалечните места од Скопје во 2017 и 2018 година зеле високи патни трошоци поради проблематичната методологија на пресметка. Пресметувањето се прави според цената на горивото, километрите и оддалеченоста на местото на живеење и нив ги изготвува автоматска програма во законодавниот дом.
Со одлука на Собранието, пратениците кои имаат право на надомест за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на литар гориво за изминат километар, плус патарините, од пред половина година добиваат 20%. Пратениците прво треба да приложат патна сметка, да се потпишат во списоци за секоја активност во Собранието. Доколку се потпишани, имаат патна сметка и патарини, се внесуваат во програма која автоматски им ги пресметува сумите за патни трошоци.
Пратениците кои живеат на оддалеченост од 100 километри од Собранието имаат можност наместо исплата на патни трошоци, да добијат стан во Скопје на трошок на државата до 400 евра месечно, а до пред неколку месеци, само двајца пратеници го имаа искористено ова право.
Иако во своите анкетни листови некои од пратениците имаат пријавени станови во Скопје, тие сепак се одлучуваат да земаат патни трошоци и да не го напуштаат местото на живеење во внатрешноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, приоритет му се желбите на Заев
„Реформите и напредокот во СДС, не се во прв план на Филипче. На него во прв план му е реализацијата на зацртаните планови кои му ги наредува менторот Заев“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното дуо Филипче-Заев, не се откажува од претседателската фотелја во СДС, па макар тоа и ги довело до уништување на партијата. Заев се уште му ги држи конците на Филипче, а тој возвраќа на секој потег на Заев. Тоа што Александар Трајановски е нов потпретседател на СДС, не е затоа што тој е многу добар или квалитетен, туку затоа што е лојален човек на Филипче и на Заев. Заев се уште ја контролира СДС преку Филипче, а сега си ја потврдува неговата позиција на претседател од сенка со ставање на Трајановски за потпретседател. Од овие тројца, но и од остатокот на раководството на СДС, народот не очекува ништо. Потребни се реформи итни во СДС, за силна опозиција со кредибилитет и одговорност. Тоа мора да почне со оставка на Филипче“, истакна Манасиевски.
Македонија
Магијата на учењето: кога оценката станува поттик, а не цел
„Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ беше темата на денешната панел-дискусија што се одржа во Куманово, во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Панелистите зборуваа за важноста оценките да не се доживуваат како крајна и единствена цел, туку како алатка што го следи и охрабрува напредокот на учениците.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска истакна дека новото време бара нови начини на учење и оценување, кои го поттикнуваат вистинското знаење, креативноста и личниот развој на секое дете.
„Образованието мора да се движи напред со духот на времето. Наместо да се фокусираме само на бројките во дневникот, треба да се фокусираме на тоа што ученикот навистина научил, што разбрал и како го применува тоа знаење. Нашата цел е надградба и зајакнување на системот кој го вреднува трудот, напредокот и љубопитноста, затоа што тие се темелот на квалитетното образование и на иднината на нашето општество“, изјави Ивановска.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, нагласи дека наставниците се клучниот двигател на секоја позитивна промена во училиштата и додаде дека ваквите дискусии ја поттикнуваат размената на мислења и искуства кои можат да помогнат наставниците подобро да го препознаат потенцијалот на секое дете.
На панел-дискусијата учествуваше и директорот на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, Нагри Реџепи, кој нагласи дека во училиштата не треба фокусот да биде само на високите оценки, туку на индивидуалниот напредок на секој ученик. Според одделенската наставничка Хилда Димитриевска од ООУ „Крсте Мисирков“, поддршката и охрабрувањето се подеднакво важни како и самата оценка, а наставничката Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ се осврна на потребата училиштето да создава средина во која учениците слободно размислуваат, поставуваат прашања и развиваат критичко мислење, бидејќи токму тоа води кон вистинско и трајно знаење.
Иван Нацевски, родител на ученик, истакна дека родителите имаат значајна улога во тоа како децата го доживуваат процесот на оценување и нагласи дека кога се гради доверба и поддршка, оценката станува поттик за подобри резултати, а не причина за притисок.
Настанот е дел од серијата панел-дискусии што се организираат во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е да ја истакне улогата на наставниците во современото образование и нивниот придонес во развојот на учениците и заедницата.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во предметот Физичко образование да вклучиме и планинарење
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.
За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
„Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.
На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.

