Македонија
Зелената градина на ГТЦ му се наметнува исто како и барокот, архитектите разочарани
Зелената градина за покривот на Градскиот трговски центар ги разочара архитектите како стручна јавност, а незадоволни се и скопјани, кои од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, бараат конкретни проекти место шминка.
Архитектите сметаат дека покажаната зелена градина е несериозен обид за уредување јавна површина, револтирани се што немало конкурс за да се избере најдоброто решение, а скопјани му порачуваат, наместо да сади дрвја на ГТЦ, да изгради кружни текови кај поранешна „Нова Македонија“ и кај Соборниот храм.

Претседателот на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), Мартин Пановски, вели дека понуденото решение воопшто не заслужува да се коментира.
„Мене ми е веќе преку глава да разговарам за детски работи. Она што е таму ставено го има правено некој што или не работи проектирање сериозно или е ангажирана градежна компанија што си има вработено некој млад архитект. Не вреди понатаму да се коментира. Прва работа, доколку нема конкурс за тоа решение, џабе разговараме, дури и да е најдоброто. Втората работа е што тоа стварно изгледа смешно за да се даде во јавност, сепак сме 21 век. Ова се зачетоци на 3Д-рендери, а дизјанот како дизајн е смешен“, вели Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитектите на Македонија.

За зелената градина на ГТЦ, Асоцијацијата ќе има и официјален став, кој претседателот Пановски го најави за утре.
На социјалните мрежи нема крај на коментарите за зелената градина. Граѓаните бараат градоначалникот да направи приоритети и да почне да ги решава приоритетните проблеми, а козметичките интервенции, каде што ја вбрујуваат градината на ГТЦ, да ги остави за подоцна. Имаат забелешки и зошто не е опфатен целиот покрив, туку само дел од него, зошто, место само зазеленување, предвидено е и поплочување со бекатон и сметаат дека зелената градина му се наметнува на ГТЦ на ист начин како што претходната владејачка гарнитура му го наметнуваше барокот.

На прашањата зошто не е распишан конкурс за идејно решение, кој го изработил проектот и зошто е избрано токму покажаното решение, од Град Скопје не одговараат, но објаснуваат дека се работи за предизборно ветување на градоначалникот.

„Изградбата на зелен кров на покривот на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малиот ринг во Скопје, како и проект што ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управување со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на трговскиот. Процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП во согласност со договорот меѓу УНДП и Градот, како и во согласност со меморандумот за соработка со АД ГТЦ“, појаснуваат од Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов вчера го претстави заедничкиот проект со УНДП и со ГТЦ за зелена градина на покривот на трговскиот на 1.800 квадратни метри, со 29 високи повеќегодишни дрвја, летна сцена и кафетерија. Не кажа колку пари за градината ќе бидат потрошени од градската каса, чиј е проектот и врз основа на кои критериуми е избран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

