Македонија
Фокусирани сме граѓаните да почувствуваат придобивки од успешните политики, рече Заев на средбата со Јосиповиќ

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација на Хрватско-македонската тангента, предводена од Иво Јосиповиќ, почесен член на Тангентата и поранешен претседател на Република Хрватска.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата била изразена поддршка за храбрите и визионерски политики на премиерот Заев, со кои биле решени важни државни прашања и со кои биле овозможени интеграциите на нашата земја во НАТО и во ЕУ.
Заев му се заблагодарил на Јосиповиќ за поддршката од Хрватско-македонската тангента и од Република Хрватска.
„Економијата почна да се движи во позитивна насока, доаѓаат инвестиции по успешниот политички процес во државата, затворањето на отворените прашања со соседите и НАТО и ЕУ-перспективите за нашата држава. Она на што сме фокусирани сега се граѓаните да го почувствуваат економскиот бенефит од овие успешно заокружени политички процеси“, истакна премиерот.
Тој изрази очекување за успешна имплементација на судските реформи и на реформите за борбата против корупцијата, што, по НАТО-интеграциите, посочи дека треба да донесат и датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Од сабота, 23 август, до 11 септември граѓаните можат да го проверат Избирачкиот список и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци. Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна на 3 октомври, додека политичките партии ќе можат да го проверат списокот и да поднесат свои барања до 19 септември. Податоците за граѓаните кои поднеле барање за лична карта, ќе се впишат по службена должност, како и податоците за лицата во затвор или установи за вонсемејно згрижување.
Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.
Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.