Свет
Францускиот суд ја казни швајцарска банка УБС со рекордна парична казна од 3,7 милијарди евра за даночна измама
Парискиот суд во средата го казни швајцарскиот банкарски гигант УБС со 3,7 милијарди евра за даночна измама, што е рекорд за Франција, пренесува „Локал“. Банката беше осудена за нелегално помагање на француските клиенти да сокријат милијарди евра од француските даночни власти.
Судењето почна минатата есен по седумгодишна истрага почната кога неколку поранешни вработени излегоа со тврдења за незаконско однесување. Овој потег доаѓа откако властите во цела Европа почнаа акција против даночната евазија и сомнителните банкарски практики, по глобалната финансиска криза што избувна во 2007 година.
Притисокот на крајот ја принуди Швајцарија да ја прекине својата традиција на несоборлива банкарска тајна, приклучувајќи се на повеќе од 90 земји кои се согласија автоматски да споделат меѓу себе повеќе информации за клиентските сметки. Во случајот на УБС, француските власти утврдија дека повеќе од 10 милијарди евра биле чувани во тајност од даночните служби помеѓу 2004 и 2012 година.
Француското Националното финансиско обвинителство побара парична казна од 3,7 милијарди евра велејќи дека банката и нејзините директори биле свесни дека го кршат францускиот закон со незаконското помагање на клиентите да ги избегнат француски даноци.
Тие побараа и парична казна од 15 милиони евра за француската филијала на УБС и парични казни до 500 000 евра за шесте директори, меѓу кои и Раул Вејл, поранешен трет по ранг директор на УБС, и Патрик де Фајет, поранешен втор по ранг извршен директор за француски операции. Покрај тоа, адвокатите на француската држава, која е тужител во случајот, побараа отштета од 1,6 милијарди евра.
УБС, на која ѝ беше наложено да депонира 1,1 милијарда евра кауција, ги негираше обвиненијата и рече дека нејзините операции се во согласност со швајцарскиот закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка ја разгледува Полска како нова рута за увоз на гас
Словачкиот претседател, Петер Пелегрини, ја поздрави можноста земјата да увезува гас преку Полска, како алтернатива на рускиот природен гас.
По средбата со полскиот колега Карол Навроцки, Пелегрини истакна дека поврзувањето на гасните мрежи би овозможило диверзификација на енергетскиот увоз, доколку цените и транзитните такси бидат разумни.
Навроцки најави дека Полска има план да стане регионален центар за снабдување со американски течен гас. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од инфраструктурното поврзување и имаат усогласени ставови за миграцијата и безбедноста во рамките на НАТО.
Свет
Мексико: Сопругата на убиениот градоначалник ја презема неговата функција
Сопругата на градоначалникот кој беше брутално убиен за време на прославите на Денот на мртвите во мексиканската држава Мичоакан, која е погодена од насилство, ја презеде функцијата на својот сопруг, ветувајќи дека ќе продолжи со неговата борба против организираниот криминал, објави Ројтерс, цитиран од БТА.
Гресија Кирос положи заклетва како градоначалник на Уруапан, познат како престолнина на авокадото во Мексико, откако државниот конгрес едногласно го одобри потегот.
„Денес доаѓам со скршено срце затоа што ми го одзедоа партнерот во животот, таткото на моите деца, но и со храброста со која тој се спротивстави да се бори“, рече Кирос за време на положувањето заклетва.
„Тие нема да ме замолчат… Ќе ги следам неговите стапки“, додаде таа, држејќи ја шапката на нејзиниот покоен сопруг како симбол на нивното движење.
Вооружен човек со качулка го застрела и уби 40-годишниот Мансо додека присуствуваше на фестивал со свеќи, во напад што предизвика национален бес, делумно поради неговите отворени критики кон федералната влада дека не презема доволно мерки за борба против организираниот криминал.
Свет
Русија тврди дека украински војници се предале во Покровск
Рускиотo Министерство за одбрана соопшти дека украински војници од 68. ловечка бригада се предале во Покровск, откако биле опколени и, како што тврди Москва, напуштени од своите команданти, пренесе „ТАСС“.
Во соопштението се наведува дека припадниците доброволно се предале поради интензивен артилериски оган. Русија објави и сведоштва на заробени војници, кои велат дека биле без храна и лекови, а еден од нив изјавил дека се предал од очај.

