Свет
Путин: Нема потреба од нова „кубанска ракетна криза“ поради спорот помеѓу САД и Русија
Ако САД решат да распоредат проектили од среден дострел во Европа, тоа ќе ја ескалира тензијата на ниво слично на она на кубанската ракетна криза од 1962 година без никаква причина, тврди рускиот претседател, Владимир Путин, пренесува РТ.
Таквото распоредување би било овозможено само ако САД се повлечат од Договорот за неширење нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ) во следните шест месеци.
Путин тврди дека ако двете страни распоредат проектили во Европа, тоа ќе доведе до ескалација на тензиите невидена од 1962 година, кога САД се заканија дека ќе ги нападнат советските бродови наместо да им дозволат да испорачаат нуклеарни проектили во Куба.
„Постои ли сега некоја остра идеолошка конфронтација слична на онаа од Студената војна? Не постои. Ние имаме меѓусебни поплаки, конфликтни пристапи кон некои прашања, но тоа не е причина да ги ескалираме работите на ниво на Карипската криза од почетокот на 1960-тите “, рече Путин, користејќи го рускиот термин за опишување на ќор-сокакот меѓу Кенеди и Хрушчов.
Прашан дали Русија би размислила за превентивен напад против ракетите кои би ѝ претставувале закана, Путин рече дека нема потреба од такво нешто и дека сегашната нуклеарна доктрина на Русија исклучува превентивен напад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.