Македонија
И Комората на архитекти ќе го разгледува наметнатиот зелен покрив на ГТЦ
По реакциите на архитектите за несериозниот проект за зелен покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) и Комората на архитекти на Македонија најави дека ќе го разгледа случајот. Официјален став за проектот најави и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), а скопјани го квалификуваа презентираниот проект како наметнат на истиот принцип на кој на трговскиот му се наметнуваше барокот.
„За жал, досега немаме официјален став, но задолжително на некоја од наредните седници ќе го ставам на дневен ред ова прашање и начинот на кој е одбран проектот по кој ќе се уредува покривот. Сега имаме други приоритети и затоа сè уште немаме став“, изјави за „Макфакс“, Реџеп Асани, раководител на одделението за архитекти во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.
Од ГТЦ, кои го одoбриле проектот, иако најавија, не одговорија на прашањата по кои критериуми го одбрале проектот и зошто тоа не го направиле на конкурс.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски, како и многу негови колеги, имајќи го предвид значењето на ГТЦ за Скопје, побараа за зелениот покрив да биде распишан конкурс на кој ќе можат заинтересираните да понудат решенија кои би биле избрани низ транспарентна постапка.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, втор ден не одговара на забелешките од архитектите, иако проектот се финансира од градската каса.
Според објавите на УНДП кои во соработка со Град Скопје и ГТЦ го реализираат проектот за зелен покрив на трговскиот, градината ќе го чини Скопје околу половина милион евра. На 1.800 квадратни метри на покривот на ГТЦ треба да бидат засадени 29 високи дрвја, да се уредат тревници, фонтани, кафетерија и да се постават клупи. Покрај забелешките за нетранспарентниот избор на проектот, архитектите замеруваат што голем процент од зелената градина е отстапен за плочник од бекатон.
Според податоците на УНДП, проектот кој наиде на многу негативни коментари во јавноста е дело на Антон Кајтази од Агенцијата за недвижности „Дом дизајн“. Тој денес, исто како и градоначалникот и директорот на ГТЦ, не одговори на обвинувањата за проектот за зелениот покрив на трговскиот центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

