Македонија
(Видео) Заев: Изјавата на Мицкоски е забегана работа, ќе се консултирам дали да го тужам
Премиерот Заев најави дека ќе разговара со својот адвокатски тим дали да поведе тужба против Мицкоски во однос на вчерашната изјава по приведувањето на Вељаноски, Јанакиески и Ристовски.
„Јас сум од крв и месо, транспарентен човек и нормален. Само ќе кажам – забегана работа затоа што се претера. Јас сум бил пред притвор, со одземен пасош, сум објавувал политички бомби, па сепак сум внимавал што зборувам. Тој иницира обиди за убиство и зборува за некаква жестокост, не знам каква. Тоа зборува за него, но во најмала рака е забегано“, истакна премиерот во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на средбата со Касами, потврди дека сè уште нема конкретен договор, но се надева дека повеќе партии ќе застанат зад предлогот за заеднички кандидат. Тој рече дека кандидатот ќе биде претставен идната недела на конгресот по што ќе се знае кои политички партии ќе дадат поддршка.
„Имињата, анализите, односно рејтинзите, се важен елемент за оваа одлука, јас се надевам дека ќе изнаједеме заеднички прифатливо решение, но сепак останува партиите внатре да си одлучат и да си го кажат своето, односно дали ќе застанат зад предлогот“, рече Заев.
Тој не сакаше да коментира дали Стево Пендаровски е најприфатливото име за албанскиот електорат и повика на трпение до наредната недела.
Додаде дека уште еднаш ќе направи обид да стапи во контакт со Зијадин Села и да најде начин да се надминат недоразбирањата со Тараври. Најавеното замрзнување на опозицијата за сите активноти во Собранието го коментира како чекор што не е добар за државата и ги повика да се вклучат во процесите што ќе следуваат.
Во однос на судските одлуки и работата на Обвинителството, уште еднаш повтори дека нема намера да се меша во работата на судската власт.
„Нема да си дозволам да коментирам за работи што не се од моја надлежност. Исто така, упатувам апел до сите од извршната власт да се воздржат од каква било изјава за судски одлуки. Мораме да ја промениме перцепцијата. Заев е премиер, тој не суди и не обвинува“, посочи тој.
Во однос на прашањето за непотизам при вработувањата, особено за роднините на Кирацовски, Заев рече: „Кирацовски е одговорен и транспарентен и нема што да крие, јас повикав и одредени роднини на функционери се повлекоа, тоа е за поздравување. Ќе додадам дека не е прекршен ниту еден закон, но сепак во прашање беше етички однос“, изјави премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

