Македонија
(Видео) Заев: Противник сум на тоа политичките елити да се чувствуваат недопирливи во борбата против корупција
Премиерот Заев имаше обраќање на конференција за борба против корупцијата чија цел е да послужи како платформа за подигање на свеста за новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси.
На конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел – италијанскиот пример”, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија, фокусот е ставен на независните надлежни органи одговорни за антикорупција, институционалните реформи и перспектива за интеграцијата во ЕУ.
Во своето обраќање, премиерот нагласи дека сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.
„Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на кој било начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој“, рече Заев.
Тој воедено порача дека едно општество не може да се нарече заедница на еднакви граѓани, ако на кој било поединец, на која било група, на кој било начин му се загрозени правата на еднаков пристап до ресурсите на општеството.
„Силно се противам на создавањето амбиент во кој некои политички елити ќе се чувствуваат дека се привилегирани и дека правдата и казната за коруптивните активности нема да ги опфати и нив. Зборувам и за сегашните и за претходните и за наредните политички елити“, објасни премиерот.
Тој нагласи дека владината идеја „Општество еднакво за сите“ промовира принцип дека правната држава важи подеднакво за сите и дека за владеење на правото мора да се изградат независни, транспарентни, ефикасни и одговорни институции за спречување и борба против корупцијата.
Заев посочи дека корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои, како што рече, треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на законите и на владеењето на правото, е најтежок вид корупција.
„Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон новото време за кое постигнавме општествен консензус дека оваа земја ќе се застапува за нула толеранција за корупција, за конфликтот на интереси и за непотизмот“, порача премиерот во своето обраќање и повика во борбата против корупцијата да нема резерви спрема никој и законите да се спорведуваат до крај.
Заев на конференцијата беше придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерката за правда, Рената Дескоска, а на истата учествуваа и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, и италијанскиот амбасадор Карло Ромео.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

