Македонија
Иванов ги додели сертификатите на учесниците на 10. Школа за млади лидери
Претседателот Ѓорге Иванов, вчера вечер ги додели сертификатите на учесниците на 10. Школа за млади лидери, што по негова иницијатива, се одржа од 11 до 22 февруари во Струга.
На годинешната школа учествуваа дваесетина реномирани предавачи кои ги пренесоа своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.
„Овие нивни искуства, сознанија и вештини ќе ви помогнат во животот кога се наоѓате во слични ситуации да наоѓате решенија. Да знаете како да создадете тим на луѓе кои ќе ве следат, на кои ќе им понудите решенија. Никој пат да не се обесхрабрувате и секој пат да гледате кон тоа што доаѓа“, рече претседателот Иванов пред младите лидери во Струга.
Во фокусот на годинешната школа беа предизвиците од 4. индустриска револуција.
Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, г-ѓа Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија, Ментар Махмуди, Експерт за вештачка интелегенција во Audi AG, Садат Алими, финансиски советник во PricewaterhouseCoopers и други.
Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи. Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

