Македонија
Димитров: Борис Трајковски многу нé задолжи, тој го сакаше народот и инвестираше во соживотот
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ја предводеше панел-дискусијата на тема „Лидерство засновано на вредности – од принципи до реализација“, организирана по повод одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, во соработка со Меѓународната фондација „Борис Трајковски“.
За министерот Димитров претседателот Борис Трајковски, во тешката 2001 година, беше еден од столбовите зашто ја зачувавме нашата земја таква каква што ја имаме денес, со сочувана традиција на толеранција и меѓусебното почитување, како и блиската соработка со НАТО и ЕУ.
„Тука сме да разговараме за неговото наследство и за тоа како тоа наследство може да не води понатаму, актуелно и ден денес, и за зборовите коишто ми доаѓаат на ум и во срце тогаш кога зборуваме за претседателот Борис Трајковски: лидерство, мир, помирување, искреност и интегритет. Тој го сакаше народот, го ценеше и инвестираше во соживотот. Многу нé задолжи. Тој беше лидер од акција, не ги избегнуваше проблемите, туку директно се соочуваше со нив и ги решаваше. Во тешката 2001 година, тој не мислеше на својот рејтинг, туку на тоа што е исправно за земјата“, рече министерот Димитров.
Поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ со многу емоции зборуваше за претседателот Борис Трајковски, истакнувајќи дека не е лесно да се зборува за него.
„Нема сомнеж дека тој покажа силно лидерство во многу тешко време за земјата и за граѓаните. Визијата и наследството на претседателот Трајковски сега се остваруваат во неговата татковина и верувам дека тој би бил среќен да ја види својата татковина како оди со крупни чекори кон евро-атланските интеграции, кон напредок, и дека е фактор на мирот и стабилноста во регионот“, подвлече поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.
На дискусијата присуствуваа и поранешниот претседател на Република Албанија, Алфред Мојсиу, и поранешниот претседател на Романија, Емил Константинеску, францускиот дипломат Ален ле Роа.
Поранешниот висок функционер на НАТО и сегашен член на „Охридската група“, сер Барни Вајт Спанер, говореше за времето кога како британски генерал, раководел со силите на НАТО во периодот од 2001 година.
„Имав привилегија да соработувам со Борис Трајковски. Сите гледавме што се случува во Западниот Балкан и се плашевме дека кризата може да се прелее и во Северна Македонија. Она што беше карактеристично за 2001 година беше тоа како се разликувавте од останатите во регионот и дека се оттргнавте од таа опасност благодарение на лидерството на Борис Трајковски“, рече поранешниот висок функционер на НАТО, сер Барни Вајт Спанер.
На оваа панел-дискусија, за сеќавањата на претседателот Борис Трајковски зборуваа и многу други истакнати политичари, дипломати и поранешни претседатели на држави и влади кои имале чест да соработуваат со претседателот Борис Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

