Македонија
(Видео) Вице Заев: Брат ми Зоран нема потпишано ниедно решение за мене
Во Основниот суд Скопје 2 се одржа главна расправа за тужбата за клевета и навреда на братот на премирот, Вице Заев, против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. На рочиштето сведочеше Вице Заев, кој рече дека му е нанесена неправда.
„Во гостување на една национална телевизија тужениот изнесе груби лаги и манипулации со кои ми ги наруши честа и угледот не водејќи сметка дека сум семеен човек, имам мали деца и роднини и дека сум бизнисмен што ужива авторитет во средината каде што живеам“, рече Вице Заев пред судот.
Александар Николоски му предочуваше на Вице Заев написи од медиумите и го прашуваше дали е сопственик на одредени фирми што добивале тендери.
Вице Заев рече дека е стопроцентен сопственик и управител на две фирми од Струмица, „Тотал електрик“ и „Тотал инженеринг“, и дека има акции во уште 2 локални фирми.
На прашањето на Николоски дали Вице Заев се чувствува како јавна личност бидејќи е брат на премиерот, Вице рече дека не се чувствува така: „И да бев јавна личност, тоа не ви дава право да изнесувате невистини за мене“, рече тој.
„Брат ми нема потпишано ниедно решение за мене“, рече Вице Заев на прашање на Николоски дали купил парцела со предочен од текст од „Курир“. „Ве повикувам, ако имате документи за криминал, да ги доставите до Јавното обвинителство“, истакна Вице Заев.
„Вице Заев, ниту како физичко лице ниту со учество преку правните лица, не влегол, ниту има капитална и управувачка улога во таа фирма. Моите први братучеди имаат“, рече тужителот на прашањето од тужениот дали е поврзан со фирмата за одледување медицински канабис.
Братот на премиерот рече дека не е сопственик на туларницата „Еленица“, туку бил член на Управниот или Надзорниот одбор, а не сопственик. Вице Заев рече дека не бил сопственик на штедилницата „Пеон“, туку бил вработен како референт од 1996 година.
„Профитот од моите фирми е во рамките на маргините и овие податоци се јавно достапни“, рече Вице Заев.
Причината за тужбата е поради тоа што Александар Николоски во телефонско интервју за една телевизија рекол дека братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата. Вредноста на спорот е 30 илјади денари. Адвокатот на Вице Заев во тужбата образложил дека поради таа изјава на Николоски, неговиот клиент чувствувал вознемиреност, црвенеел и имал главоболки. Следното рочиште судијката Кети Германова го закажа за 12 април кога треба да бидат изнесени и завршните зборови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

