Свет
Двајца ирачки цивили загинаа во експлозија на бомба во провинцијата Анбар

Двајца ирачки цивили беа убиени, а други двајца се повредени во вторникот во експлозија на бомба во градот Фалуџа, во западниот дел на Анбар, изјавија безбедносни извори за „Ираки њуз“.
Нагазната бомба на патот што ја поставиле милитантите на Исламска држава експлодирала кога автомобилот со цивили поминувал низ населбата Ал-Нуаимија во јужниот дел на Фалуџа. Безбедносните сили ја запечатиле локацијата на експлозијата и почнаа да бараат други експлозиви на местото на настанот.
Насилството во Ирак дополнително се зголеми со појавата на екстремистичките милитанти на Исламска држава, кои во 2014 година прогласија исламски калифат во Ирак и во Сирија.
Порастот на насилството меѓу вооружените групи и владините сили резултираше со над пет милиони внатрешно раселени лица во Ирак и повеќе од 11 милиони луѓе кои имаат потреба од хуманитарна помош, информира Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Локални избори во Заечар и Косјериќ

Денеска во Заечар и Косјериќ се одржуваат редовни локални избори, на кои се избираат советници во општинските совети на овие две локални самоуправи. Гласачките места се отворија утрово во 7:00 часот, а се затворија во 20:00 часот.
Осум изборни листи учествуваат на изборите во Заечар и три во Косјериќ. Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека нарушувањето на изборите е кривично дело и дека полицијата ќе реагира.
– Полицијата мора да си ја врши својата работа. Во кривичниот законик постои кривично дело попречување на избори. Доколку некој крши гласачки кутии или им попречува на луѓето да гласаат, тоа нема да биде дозволено – рече Дачиќ.
Општина Косјериќ има околу 10.000 жители, а право на глас имаат 8.897 гласачи.
Според податоците на Градската изборна комисија, вкупниот број на гласачи на територијата на Заечар е 47.357.
Прелиминарните резултати се очекуваат вечерва.
Свет
Хамас користел тунел под Европската болница во Кан Јунис како команден центар, вели израелската војска

Милитантната група Хамас користела тунел под Европската болница во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, како еден од главните командни центри за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, соопшти израелската војска.
При нападот на тунелот на 13 мај, убиен бил лидерот на Хамас, Мухамед Синвар, заедно со други високи команданти на таа милитантна група, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Израелската војска претходно соопшти дека војниците го пронашле телото на Синвар, но дека тоа сè уште треба официјално да се потврди.
Тој е помлад брат на поранешниот лидер на Хамас во Газа, Јахја Синвар, кој беше убиен од израелската војска во јужна Газа во октомври минатата година.
Свет
Трамп го нарече Маск „голем зависник од дрога“

Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор со соработници го обвини милијардерот Илон Маск за зависност од дрога, пренесе „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори.
Се додава дека Трамп го опишал поранешниот шеф на Одделението за ефикасност на владата како „голем зависник од дрога“, наведува „Пост“.
Маск претходно призна дека користи кетамин, кој му бил препишан од лекар, а „Њујорк тајмс“ неодамна објави дека сопственикот на Тесла користел големи количини кетамин, меѓу други наркотици, што довело до проблеми со мочниот меур.
Трамп изјави дека ќе има „сериозни последици“ за Илон Маск доколку го финансира демократскиот табор за да се кандидираат против републиканците кои го поддржуваат сеопфатниот буџетски закон на Републиканската партија.
Претседателот на САД исто така рече дека нема желба да го поправи односот со Маск по јавните расправии, велејќи дека смета оти нивниот однос е завршен.
Конфликтот започна откако Маск го критикуваше Трамповиот закон за трошење и даноци, кој има влијание врз бизнисот со електрични возила.
На тоа Трамп одговорил дека не е сигурен дали во иднина ќе има добри односи со Маск, а сопственикот на Тесла потоа го обвини републиканецот дека неговото име се наоѓа во документите на осудениот педофил Џефри Епштајн, пренесува Танјуг.