Македонија
(Видео) Арсовски: Непотизам и на локално ниво, вработувани блиски роднини на градоначалници
Епидемијата на непотизам е навистина застрашувачка. Ги има зафатено функционерите на СДСМ на сите можни нивоа. На државна сметка се закачиле блиски роднини на пратеници, членови на Владата, но и на сите градоначалници, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој презентира неколку сомнежи за непотизам кој владее на локално ниво, при што се заразени блиски роднини на градоначалниците на СДСМ.
„Дали вработување како професор во ОУ ‘Маршал Тито’ во Струмица добила сопругата на Марјан Јанев, инаку градоначалник на Василево од редовите на СДСМ? Дали вработување во ‘Водостопанство’ – Кавадарци добила ќерката на Бранко Јанев, градоначалникот на Росоман?
Дали вработување како професор во ОУ ‘Кочо Рацин’ во Дојран добила сестрата на градоначалникот на Дојран, Анго Ангов? Патем, токму оваа институција е под директни ингеренции на братот, а сестрата баш таму станува професорка. Претпоставуваме дека изговорот ќе биде дека била единствен или најдобар кандидат, како и во сите претходни случаеви каде што се правдаат, односно се обидуваат да се оправдаат?!
Вработување во Агенцијата за храна и ветеринарство добил братот на градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски. Дали вработување во Централниот регистар добил првиот братучед на градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски?“, праша Арсовски.
Според него, сестри, ќерки, браќа, сопруги, золви, снаи, свекрви и фризерки се најважниот критериум за вработување во Република Македонија во време на овој криминален картел што е на власт. „Граѓаните гледаат како администрацијата се полни не според мерит, туку според Мира Дизел-систем, а тоа граѓаните ќе треба да го плаќаат со народни пари прибирани од зголемените даноци, зголемените акцизи, давачки или безмилосните задолжувања на Тевдовски. Граѓаните ќе плаќаат за порамнување на роднинските односи на функционерите на власта“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

