Македонија
Кој е Стево Пендаровски?
Од портпарол во МВР до долгогодишен советник за безбедност и надворешна политика во кабинетите на двајца македонски претседатели на државата. Поранешен прв човек на ДИК, професор и актуелен владин функционер. Кој е Стево Пендаровски, консензуалниот претседателски кандидат на СДСМ и ДУИ, кој по вторпат ќе влезе во трката за шеф на државата?
Од ноември 2017 Стево Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО. Кратко пред да го именуваат на функцијата, тој беше пратеник во Собранието, а во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје каде што предавал повеќе предмети од областа на геополитиката, глобализацијата и меѓународните односи и безбедност.
Во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството, а од 2001 до 2004 година бил советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски.
Од 2004 до 2005 година Пендаровски бил претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година се враќа во претседателскиот кабинет, но како советник за надворешна политика на претседателот Бранко Црвенковски.
Пендаровски важи за натпартиска личност, иако на последните избори во 2016 беше носител на листата на СДСМ во првата изборна единица. Во 2014 тој беше кандидатот на СДСМ за претседател на државата, но на изборите загуби од Ѓорге Иванов со 398 илјади гласа, наспроти Иванов, кој освои 534 илјади гласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стопанска банка АД Битола бара јавно извинување од СДСМ, во спротивно најавува правни чекори
Стопанска банка АД Битола најостро ја осуди денешната прес-конференција на СДСМ и изјавите на Александар Саша Димитријевиќ, оценувајќи дека се работи за невистини и манипулативни наводи кои, како што наведуваат, се во спротивност со јавно прокламираните заложби на партијата за привлекување инвестиции и унапредување на регионалната соработка.
Во реакцијата, Банката наведува дека е зачудувачки што СДСМ, како партија што претендира да биде сериозен политички фактор, пласира неосновани и неточни информации за субјект од банкарскиот сектор, со што, според нив, се внесува несигурност во банкарскиот систем и се доведува во прашање политичката одговорност и кредибилитет на партијата.
Од Стопанска банка АД Битола посочуваат и дека СДСМ изнесува ставови идентични со оние што во изминатиот период ги застапувал нивниот долгогодишен политички партнер ДУИ. Во реакцијата се нагласува дека АЛТА Банка АД Белград е една од најзначајните членки на АЛТА групацијата и една од најиновативните финансиски институции во Србија, со значајни инвестиции во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Банката наведува дека АЛТА Банка бележи континуирани позитивни деловни резултати и силен раст, а во 2024 година била наградена како најбрзо растечка и најиновативна банка во Република Србија. Стопанска банка АД Битола истакнува дека добивањето сериозен и стабилен стратешки партнер претставува позитивен чекор за банкарскиот сектор и за економијата во целина.
Во реакцијата се наведува дека, доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените, како што се оценува, невистини и дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални чекори за заштита на угледот и интегритетот на банката.
Македонија
Средба со просветните работници на годината во Битола
Наташа Тодоровска- наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и Аница Б. Златевска- психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола, кои беа меѓу просветните работници кои добија признание од Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници, денеска имаа прием кај градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски им честиташе за признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, кои претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.
Инаку по повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителите Министерството за образование и наука ја започна кампања за истакнување на нивната незаменлива улога во општеството и поголема почит од заедницата во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“.
Македонија
ФЗО прворангиран во мониторинг-извештајот за државните институции за 2025 година
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗО) е рангиран на прво место во Извештајот за мониторинг на државните институции за 2025 година, изготвен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. ФЗО ја дели водечката позиција со Државниот завод за ревизија, со освоени максимални 51 бод.
Ова претставува значителен напредок за институцијата, ако се има предвид дека во 2024 година Фондот бил рангиран на 45. место со 24,5 бода. Според соопштението, за само една година ФЗО се искачил на врвот на листата преку унапредување на транспарентноста и отчетноста.
Извештајот е изготвен согласно Методологијата за спроведување на мониторинг за проактивно објавување информации од јавен карактер, а е достапен на официјалната веб-страница на Агенцијата.
Во меѓувреме, ФЗО спровел контроли во 26 јавни здравствени установи, од кои 12 во Скопје и 14 надвор од главниот град. При контролите биле утврдени неправилности поврзани со пресметка на дежурства, комбинирање додатоци за сменска работа и дежурство, прекувремена работа, недоставени податоци, исплата на бонуси и други отстапувања од прописите.
Дополнително, биле извршени контроли и во 37 установи за итна медицинска помош и домашна нега, при што во 14 установи биле констатирани неуредни наоди. Најчесто утврдените проблеми се однесуваат на недостиг од соодветни одлуки и согласности за ценовници, неправилно фактурирање, наплата на услуги што не подлежат на наплата и користење застарени ценовници.
На здравствените установи кај кои се утврдени неправилности им е оставен рок од два месеци за нивно целосно отстранување.

